Дождот го лекува Преспанското езеро, a лек за инертните институции се бара ли?

 

Oбилните дождови изминативе денови го покачија нивото на Преспасното езеро. Ова е навистина радосна вест. Самата природа виде дека македонските институци се анемични па самата реши да му помогне на прекрасното езеро кое во последниве години се соочува со исчезнување. Мерењата покажале дека само во периодот од 8 до 12 октомври нивото е покачено за 8 сантиметри.

Сепак, и ова покачување е мало за да се достигне просекот кој оваа езеро го има во месецот октомври претходниве години. Нивото сега е помало за цели 159 сантиметри од октомврискиот просек.

Тоа е повод за голема загриженост. Дали и институциите се загрижени?

Јасно е дека не треба да се чека на дождовите. Јасно е дека врнежите не се трајното решение на проблемот. Потребни се осмислени мерки и конкретни активности. Па нели во изминатиов период се договарале претставниците на Македонија, Грција и на Албанија за спас на езерото? Но, по соопштенијата за нивни средби и договори, во јавноста малку се слушна за тоа што конкретно ќе биде преземено. Оттаму, време е надлежните да почнат да работат соодветно. Да не се чека летниот период кога ќе настапи нов период на исушување на езерото. Зарем ќе се дозволи Преспанско езеро да биде избришано од мапата?

Решенија сигурно има, впрочем едно и се најде за спас на Дојранското езеро.

Претходна вестОблачно и студено со врнежи од дожд
Следна вестТреба ли Македонија да брза со нови договори со Бугарија кога ЕУ не е јасна што со проширувањето?