Државен завод за ревизија: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ не ги спровеле препораките

Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи од извршената ревизија на следење на препораките на политичките партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Алтернатива. Утврдено е дека СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не спровеле препораки од ДЗР, додека Алтернатива ја спровела едната препорака.

-Со оваа ревизија утврдивме дека од 2 (две) препораки дадени во Конечниот извештај, 1 (една) препорака е спроведена и 1 (една) препорака не е спроведена. Статусот на имплементација на препораките и извршената оценка на соодветноста на преземените мерки ни обезбедува основа да изразиме заклучок дека субјектот преземал активности и мерки за дел од дадените препораки со што постои потреба од дополнителни активности во наредниот период за целосно спроведување на препораките“, стои во извештајот на ДЗР за ДУИ.

ДЗР открил дека во ДУИ имало уплати за чланарина во партијата поголеми од дозволениот износ.

‘Висината на членарината како еден од приватните извори на финансирање на политичките партии, кој членот на партијата го плаќа годишно како редовен износ е уредена со член 14 од Законот за финансирање на политичките партии согласно кој „износот на членарината за период од една година на секој член поединечно, не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето плата во Република Северна Македонија во претходната година, што ја објавува Државниот завод за статистика“. Со извршениот увид во Годишниот извештај за членарини за 2022 година, ревизијата утврди дека констатираната состојба во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2021 година, како и во конечните извештаи за минати години не е промената, односно и во 2022 година начинот и висината на средствата по основ на членарина се утврдени со Одлуката1 , согласно која членарината е утврдена во висина од 5% од платата на избраните и именувате лица од ДУИ, со која се овозможува уплата на средства за членарина над законски утврдениот лимит. Имајќи ја во предвид вака утврдена висина на членарина, која продолжува и понатаму, констатиравме дека и во 2022 година дел од членовите имаат уплатено средства во повисок износ за 250 илјади денари, се вели во извештајот.

ВМРО-ДПМНЕ не ја спровел препораката за соодветно искажување на имот во Билансот на состојба.

-Одговорните лица на ВМРО – ДПМНЕ по завршување на постапката поведена пред надлежните органи, да преземат мерки и активности за соодветно искажување на недвижниот имот во Билансот на состојба. Утврдената состојба која се однесува на судската постапка поведена од страна на надлежните органи во месец октомври 2018 година, со која на ВМРО – ДПМНЕ му се забранува дел од недвижниот имот/градежни објекти, сопственост на партијата, да го отуѓува, става под хипотека и располага со давање под закуп, се до завршување на постапката пред надлежниот орган, која влијае на проценетата вредност на дел од недвижниот имот искажан во Билансот на состојба, за која Овластениот државен ревизор извести во конечните извештаи од извршените ревизии во минати години, останува непроменета. Истакнуваме дека во текот на 2022 година донесена е пресуда од страна на надлежниот суд, по која е доставена жалба од страна на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ. До денот на известување од извршената ревизија, постапката сеуште не е завршена, стои во извештајот на ДЗР.

Од СДСМ не ја спровеле препораката за донесување на акт за доуредување на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечните иноси на средства по основ на членарина.

-Одговорното лице на партијата да преземе активности за донесување на акт за доуредување на начинот на прибирање, уплата и известување за поединечните износи на средства по основ од членарина, заради потврдување дека поединечните износи на членарина се во рамките на законски утврдениот лимит. Приватните извори на финансирање на политичките партии се уредени со член 13 од Законот за финансирање на политичките партии, додека со член 14 утврдено е дека износот на членарината, како еден од приватните извори на финансирање за период од една година на секој член поединечно не смее да биде повисок од една просечна исплатена нето плата во Републиката во претходната година, што ја објавува Државниот завод за статистика. Со извршениот увид во документацијата за начинот на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина, ревизијата утврди дека констатираната состојба во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2021 година, како и во конечните извештаи за минати години не е промената, односно врз основа на Правилник1 на партијата, средствата за месечната членарина од секоја општинска организација, се уплатуваат директно на трансакциската сметка на партијата, во вкупен износ за сите поединечни уплати. Воспоставениот начин на прибирање, уплата и известување за приходите по основ на членарина во СДСМ, кој продолжува и понатаму, не обезбедува целосен увид и потврдување во поединечно уплатените средства, по наведениот основ, стои во извештајот.

 

 

Претходна вестЗатвореник од Идризово починал од повреди од друг затвореник
Следна вестЦУК: Прв координативен состанок за справување со змии