Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение за забрана за работа на специјалистичка ординација по гинекологија и акушерство во Струга лоцирана на „Кеј 8-ми Ноември“ и ќе бара одземање на дозволата за работа, соопшти денеска ДСЗИ.
Според Инспекторатот, таа не ги исполнува условите од повеќе причини: на објектот немало никакво обележување дека е ординација, просторот од 25 м2 не ги исполнувал условите за ваква дејност и користеле лиценца на ординација која имала дозвола, но лекарот на кој се водела е во пензија од 2009 година.
-Просторијата е во сопственост на д-р З.П.Ш. доктор – специјалист по гинекиологија и акушерство, вработена во Општата болница во Струга. При надзорот, приложен е Договор за отстапување на користење на простор ( 01/2021 година) каде стои дека просторијата се издава на времено користење на ПЗУ „Д-р Благоја Парталоски“, која има решение издадено од Министерството за здравство од 1999 година, дека исполнува услови (простор, опрема и кадар) за вршење на специјалистичко гинеколошко акушерска дејност на горе споменатата адреса, но во моментот нема носител на дејност, бидејќи д-р Парталоски е во пензија од 2009 година, оопштија од ДСЗИ.
Ова не е прв ваков случај во Струга. Минатиот месец беше откриена домашна ординација на директорот на струшката болница Мухамед Асани, во која тој прегледувал пациентки. За случајот до ДСЗИ имаше пристигнато и четири изјави од пациентки заверени на нотар, кои потврдуваат дека докторот во ординацијата сместена во неговиот дом им вршел прегледи по 15 часот. Една од пациентките во изјавата посочува дека во истата ординација докторот ја контролирал нејзината бременост уште пред осум години.
За предметот беше поведена иницијатива до обвинителството, а директорот беше повикан на разговор во Владата, но досега нема информации дека е разрешен.