ДУИ повикува на итно донесување на уставните измени

Повеќе нема простор за одложувања, изговори или манипулации „со кои би се избегнало неизбежното“, соопшти денеска ДУИ.

Ова опозициска партија регира на едногласната одлука на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за одвојувањето на Скопје и Тирана од патот кон ЕУ.

-Дојде времето да се исполнат дадените ветувања на нашите граѓани кои континуирано ја поддржуваат евроатлантската интеграција на Северна Македонија, наведуваат „интегративците“.

Критичниот момент од партијата на Али Ахмети го гледаат во истекувањето на рокот за уставните измени и додаваат дека повеќе нема простор за одложувања, изговори или манипулации „со кои би се избегнало неизбежното“.

-Уставните измени не се само правна обврска, тие претставуваат морален и стратешки императив кој обезбедува нашата држава да остане на патот кон европската интеграција. ДУИ секогаш била гарант на овој процес, и нема да дозволиме политички блокади да ја попречат иднината на нашите граѓани, се вели во соопштението од ДУИ.

Времето за колабање помина, порачуваат од партијата и ги повикуваат сите политички актери да постапат, одговорно, зрело и решително во интерес на граѓаните и државата.

-Нашата одговорност не е само кон нашите гласачи, туку кон целата држава. Ги повикуваме сите страни да ги стават интересите на Северна Македонија и нејзините граѓани на прво место и да дејствуваат во согласност со европските аспирации кои нè обединуваат сите, се вели во соопштението.

Ова, како што наведуваат од ДУИ, подразбира исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно донесување на уставните измени, што ќе го отвори патот за следните чекори за нашето членство во Европската Унија.

-Јасно е дека иднината на Северна Македонија е во рамките на Европската Унија. Мораме да се осигураме дека нашите постапки ја рефлектираат волјата на народот и жртвите направени низ децениите за да се обезбеди демократска и просперитетна иднина. Наративот на страв и дневната политика го потроши своето време, сега е време за лидерство и визија. Време е за јасни одговори и решителни дејства, велат од ДУИ.

 

Претходна вестВработена во скопско училиште пронајдена почината
Следна вестСкопјанец со нож ја нападнал братучетката, кршел и ги нападнал соседите