ГТЦ е еден од симболите на Скопје. Но е и еден од симболите кој го губи сјајот поради институционална негрижа. Не е утеха што сјајот го губат и други симболи на Скопје како што се Камениот мост, Калето…
Новогодишните тезги поставени на приземјето деновиве донекаде го сменија амбиентот во Градскиот трговски центар. Украсена е и терасата со светилки кои колку-толку го разубавуваат овој дел на оскудно украсеното централно градско подрачје. Но, дали ова е доволно да се смени сликата за ГТЦ која се направи последниве години?
Сивило станува главна боја во ГТЦ особено на третиот спрат. За жал се повеќе испразнети дуќани има и подолу. На десетина дуќани дури и првиот и на вториот спрат веќе се празни и чекаат нови закупувачи. Зошто трговците заминуваат?
Неодамна на површина излезе и случајот со „копањето“ на биткоини во деловните простории во подрумскиот дел на ГТЦ, а за што, наводно, се трошела струјата која заеднички ја плаќале сите сопственици и закупци на просториите. Интервенираше и полицијата на 6 ноември и која влезе во подрумите, но не бил откриен криминал. Во јавноста останаа сомневањата.
Сега се добиваат поводи и за нови сомнежи. Причина за тоа се последните сметки за струја коишто ги добиле сопствениците и кираџиите, а кои се за околу 40 отсто помали отколку во поранешните месеци!? Зошто е тоа така не добиле објаснување од Управата на ГТЦ. Но, тоа се совпадна со тоа што од 16 ноември веќе ги нема досегашните закупци на подрумите во ГТЦ, а во кои, наводно, се „рудареле“ криптовалутите со трошење на големо количество на струја.
Така, и овој пример покажува како нешто подлабоко не е во ред со ова државно акционерско друштво, чија управа и работење не се имуни од партиските влијанија и превработувања. Дали нешто ќе се смени останува да се види. Полека го забораваат ГТЦ сите оние кои го гушкаа за да го спасат од реновирање со барок кое сакаже да го направи претходната власт.
А не се проблем само празните дуќани, во ГТЦ се забележува и како е несоодветна хигиената, па до тоа како низ катовите се шетаат кучиња – скитници. Така симболот на градот нема да се одбрани од многуте новоотворени, шопинг-молови кои никнуваат по Скопје.
За волја на вистината, пред четири години имаше добри обиди да му се врати дел од сјајот на ГТЦ, но тоа траеше кратко. Се смени зеленилото, се сменија дел од плафоните, се подзачисти, се потсреди малку и паркингот, но толку… Државните и градските функционери се чини помислија дека е доволно што насадија десетина дрвца на покривот и сега може да издаваат дозволи за градење нови молови. Сето тоа резултираше и со загуби во работењето на оваа државно акционерско друштво.