Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, останува на ставот да се разговара за барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра.
Во одговор на новинарско прашање пред денешната посета на занаетчиските дуќани во Старата Скопска Чаршија, министерот рече дека ќе разговараат со сите засегнати страни.
– Да ги слушнеме сите засегнати страна и ќе разговараме за тоа. Ќе донесеме одлука која што ќе ги задоволи сите засегнати страни. Јас им кажав и на синдикатите, стојам на страна на работниците, но сепак треба да имаме предвид дека работодавачите се тие кои креираат работни места. Со претседател на Владата и со другите членови на Економско-социјалниот совет ќе донесеме одлука, на и за тоа дали неделата ќе биде работен или неработен ден, рече министерот.
Сојузот на синдикати на Македонија имаше барање пред изборите во првите 100 дена на новата влада минималната плата да се покачи на 450 евра, нешто кое министерот го постави за приоритет во неговите првични изјави.