Двајцата креатори на ланската „Јавна соба“ во притвор – дали тоа ќе се случеше без притисок од јавноста?

На двајцата (32 и 21 година) осомничени дека се создавачи на ланската група „Јавна соба“ на Телеграм и кои се товара за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, им е определен притвор од 30 дена, соопшти Кривичниот суд Скопје.

Тие денеска биле изведени пред судија на претходна постапка откако беа претходно уапсени по барање на Јавното обвинителство коe отвори истрага против нив како креатор и администратор на скандалозната група во која лани беа објавувани видеа и фотографии на полови дејства со малолетнички.

Притоворот го бараше обвинителството поради опасност од бегство, можност да се попречи истрагата со влијание на сведоците и за повторување или довршување на кривичното дело.

Ваквиот тек на постапката за „Јавна соба 1“ се случува една година од нејзиното откривање, колку што ЈО водеше предистрага, за која денеска се правдаше дека е долга, бидејќи е сложена со многу потенцијални сторители и многу жртви.

Но, факт е дека во јавноста се создаде голем притисок за делување на институциите откако пред извесно време е откриена нова „Јавна соба“ исто така на Телеграм со слична содржина и со сличен профил на членови кои сексуално се иживуваа на фотографии и видеа на жени и девојки, па дури и на малолетнички, злоупотребувајќи нивни лични податоци и споделувајќи ги јавно.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера најави дека можеби уште денеска ќе заврши вештачењето на телефоните на четворицата уапсени за „Јавна соба 2“, по што ќе се знае и кој стоел зад неа.

 

 

Претходна вестЗаев: Доцниме со образовните реформи, но истовремено велам дека и нема да избрзаме
Следна вестОсуммина починати од ковид за 24 часа, 314 нови заразени