Две малолетнички претепале девојче , ОЈО презема мерки за расчистување на случајот

Пред неколку денови на социјалните мрежи се споделуваше видео кое предизвика голема вознемиреност кај македонската јавност. На видеото се гледа како две малолетни девојчиња најпрвин разговараат и се расправаат со друго девојче, по што двете го соборуваат девојчето на земја, па брутално ја удираат со тупаници и клоци. За овој настан, Основното јавно обвинителство излезе со соопштение кое ви го пренесуваме во целост:

– Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема две деца во судир со закон на возраст од 15 години, за кои постои сомнение дека извршиле дејствија кои со закон се предвидени како кривично дело – Насилство по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Двете малолетнички, на 9 февруари, на улицата „Мирослав Крлежа“ во Скопје, ја загрозиле сигурноста на друго девојче, вршејќи грубо насилство кон оштетената. Девојчињата најпрвин разговарале и започнале да се расправаат, по што двете ја фатиле оштетената и ја собориле на земја, па ја удирале со тупаници и клоци додека не ги раздвоил сведок на настанот. Со ова предизвикале телесни повреди кај девојчето, како и чувство на вознемиреност во јавноста.

Во текот на постапката јавниот обвинител предлага да се сослушаат децата во судир со законот и оштетената, како и сведоци на настанот, да се прибави вештачење на видот и карактерот на повредите, да се обезбедат снимки од сведоци на настанот, да се прибави мислење од Центарот за социјални работи, како и да се преземат сите други неопходни дејства, стои во соопштението на ОЈО.

Претходна вестЗа бесплатните налепници и за сообраќајните дозволи граѓаните денеска плаќаат по 990 денари
Следна вестМедалистот Витомир Трајковски на прием кај Наумче Мојсовски