За изградбата на автопатската делница досега се потрошени околу 440 милиони евра и остануваат уште околу 160 милиони од кинескиот кредит за довршување на автопатот.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски не очекува да биде пробиена сумата од 598 милиони евра од кинескиот кредит за изградба на автопатот
Две нови свлечишта се појавиле на автопатот во изградба Кичево – Охрид, кој според првичните најави требаше да биде готов до почетокот на оваа година, но поради настанатите проблеми рокот за завршување на градежните работи беше пробиен, а нов сè уште не е утврден.
На увид на состојбите со изградбата на автопатската делница денеска беа од Надзорот на изградбата на автопатот, чиј главен изведувач и кинеската компанија „Синохидро“, заедно со професори од Градежниот факултет во Скопје, како и првите луѓе на Министерството за транспорт и врски, министерот Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми.
Од Надзорот ја смируваат јавноста дека свлечиштата кои сега се вкупно 13 на број, не се последица на грешки во планирањето и истражувањето на теренот, туку природна појава која не може да биде предвидена, пренесува ТВ Телма.
Проблемот со свлечиштата ќе се решава со технички зафати, односно потпорни конструкции за да се постигне стабилност на косините.