Кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски и носителите на листа од изборните единици ја презентираа програмата „Проглас за достоинствена Македонија на митинг на градскиот плоштад во Куманово. Носителите на листи од изборните единици посочија дека најголем проблем за државата е корупцијата и ветија нејзино искоренување. Кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски повика енергијата од Куманово да се пренесе насекаде во државата, граѓаните да испратат порака дека Македонија повторно се буди од Куманово.
– Пред пет години работев за избори за претседател и помогнав на еден човек да стане претседател на државата и тој човек дојде во наше Куманово и рече дека кога вашиот градоначалник ќе испадне, го чекаме да се приклучи. Ќе му одговарам на кумановски, „никад па ни тг“, рече Димитриевски.
Тој им порача на сите дека залудно пребројуваат, бидејќи ова е Куманово „Македонија во мало“ и нагласи дека повторно гордо ќе се вее македонското знаме.
Димитриевски кажа дека корупцијата навлегла во сите сфери од општеството, здравството, правдата, дека токму заради неправдата си заминуваат младите, бидејќи никој од политичарите не застанал зад граѓаните. На митингот во Куманово вети правда, отворање на секој предмет, а ќе пресудуваат искусни и вредни луѓе за сите кои „се огрешиле од законот“.
– Ќе има правда, тогаш кога на вистинско место ќе дојдат вистински, одговорни луѓе, бидејќи овие не само што нѐ лажеа, во целост нѐ прелажаа, па дури и од сопствениот народ се откажаа, од вредностите на Крушевскиот манифест и АСНОМ и од сè што е свето за Македонија и ако им дозволиме тоа ќе продолжат да го прават тоа, кажа Димитриевски.
Кандидатот за претседател нагласи дека имаат историска обврска да го сменат тоа, бидејќи граѓаните залсужуваат. Тој ги критикуваше политичките опоненти, ДУИ за која рече дека повеќе од две децении само ветувала, никогаш не изградила ниту фабрики, ниту метар од коридорот 8, и „околу прст ги врти, и левите и десните“.
-На овие избори катастрофално ќе изгуби раководството на СДСМ, а притоа ВМРО нема да добие, ќе добие ЗНАМ. Исто како на локалните и ќе го повториме сите заедно, рече Димитриевски.