Иако во последните три години во македонскотот здравство се набавени седум нови апарати за магнетна резонанца, покрај веќе постојните осум, не е зголемен број на снимањата на пациенти кои имаат потреба, укажуваат државните ревизори. Во извештајот на Државниот завод за ревизија објавен денеска по извршената ревизија на успешност на тема „Користење на здравствени услуги со радиолошка дијагностика – магнетна резонанца“ во периодот од 2019 до 2022 година се наведува дека обемот на услуги во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година.
-Годишниот просек на извршени 2.800 услуги по апарат, е под просекот на европските држави кој се движи од 4 до 9 илјади снимања годишно по апарат, се наведува во извештајот и се посочува дека најинтензивно користење на апаратите за МР се врши во КБ Битола, УИ за радиологија и ЗД Скопје, додека најниска искористеност има апаратот во КБ Тетово.
Од ДЗР посочуваат дека во електронската листа објавени се вкупно 110.466 слободни термини за МР, од кои се закажани 83 проценти, а искористени 56 отсто односно извршени се 61.987 прегледи за кои е издаден специјалистички извештај.
-Според добиените податоци од Мој Термин, во период од 2019 до мај 2023 година евидентирани се вкупно 92.533 прегледи, во кои се вклучени реализираните прегледи со издаден извештај и прегледи за кои не е издаден извештај, во редовен термин и без термин, се посочува во извештајот.
Во периодот на вршење на ревизијата во јавното здравство има 14 функционални апарати за МР од четири различни производители распоредени во 10 ЈЗУ, како и 2 апарати за МР надвор од употреба, со вкупна набавна вредност од 1.401.678 илјади денари (околу 22,7 милиони евра).