Џафери бара надополнување на иницијативата за референдум, за Апасиев тоа е само купување време

Претседатетелот на Собранието, Талат Џафери вчера го врати барањето за референдум од страна на политичката партија „Левица“ поради, како што се наведува, „барањето не е подготвено во согласност со одребите на Деловникот“.

Во својот одговор Џафери наведува дека барањето не е подготвено во согласност со одредбите од Деловникот, а особено член 135 од истиот.

-Освен ова, и поставеното прашање упатува на несоодветно поставено прашање од причина што заклучоците не се општ правен акт, закон или Устав, истите по нивната природа и содржина се став кој ја насочува Владата на Република Северна Македонија во нејзино постапување. Имајќи го предвид горенаведонот, согласно член 136 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, кој гласи: „Ако предлогот на закон не е подготвен во согласност со одредбите на овој Деловник, претседателот на Собранието пред да ги достави на пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите на одвој Деловник. Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието, се смета дека предлогот не е поднесен, која одредба соодветно се применува и за сите други поднесоци. Барам во предвидениот рок Вашето барање да го усогласите со одредбите на Деловникот“, се вели во одговорот на Џафери кон Апасиев.

Од друга страна, лидерот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, изјави дека враќањето на нивната иницијатива за референдум од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери е само купување време, но дека тие ќе ја направат корекцијата во дадениот рок и повторно ќе ја поднесат.

– Иницијативата не е одбиена. Значи, ова не е ист случај како со претходната иницијатива на ДПМНЕ. Ако правилно го читаме, иницијативата е вратена на корекција, односно спикерот Џафери спротивно, во негов стил силеџиски, како уставен судија, но сега со друга финта ни ја врати да ја усогласиме во рок од 15 дена. Ние впрочем тоа и ќе го направиме, изјави синоќа Апасиев.

Тој смета дека правното толкување на Џафери кое што е неиздржано е оти заклучокот бил став, а не бил акт и според тоа прашањето не било соодветно поставено.

– Имено, тој го занемарува членот 24 од Законот за референдум и други одлуки на непосредно изјаснување на граѓаните каде што вели дека дополнителен референдум каков што ние бараме може да се распише за други прашања за кои одлучувало Собранието. Токму такво прашање, значи не се бара акт туку прашање е заклучокот, односно заклучоците коишто ние ги ставаме на референдум. Оттука, ова враќање на спикерот Џафери е само добивање време, односно купување време, подвлекува Апасиев.

Претходна вестДесетмина поминале на црвено, 11 возеле и зборувале на телефон…
Следна вестКумановец имал „блиска средба“ со мечка на автопатот Тетово-Скопје