Претседател на македонскиот парламет Талат Џафери нема да го прифати барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да свика продолжение на прекинатата 123. седница за да се гласа за Предлогот за пристапување на промените во Уставот. На денешната собраниска седница тој на барањето на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека можноста дваесет пратеници да побараат свикување нова седница не е и обврска за претседателот на Собранието да свика седница.
– По однос на барањето, мислам дека основот не ви е соодветен, да побарате свикување на прекината седница. За нова седница е неспорно, можете да побарате, но, тоа е повторно можност да побарате, но не и обврска за да се свика седница. Правниците тоа си го знаат. Свикување седница, покрај другото може да побараат 20 пратеници. Претседателот може да свика седница по барање на 20 пратеници. Може, што значи и не мора. Така што, да сме начисто со тоа. Ниту множев, ниту делев, а кој се множи сам себеси тоа си е негов проблем, рече Џафери.
Тој дополни дека продолжението на прекинатата седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието.
– Ставот 5 од членот 81 е јасен, прецизен и дециден во смисла на тоа дека прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието, кога ќе продолжи со таа седница. Впрочем, како што и многу други седници стојат и чекаат продолжение поради одредени работи кои што и вам и на јавноста претходно им се познати, а тоа е поради неработењето на соодветните комисии, рече Џафери.
Тој дополни дека 123. седница ќе продолжи тогаш кога ќе има услови да продолжи.
Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека седницата на 18 август била затворена без никакво образложение и побара од Џафери, повикувајќи се на член 67 став 2 од Деловникот и согласно потписите од дваесет пратеници од оваа партија да се свика продолжение на оваа седница.
– И барем еден облак којшто виси над македонските граѓани да се разреши дилемата околу тоа кој е за или против уставни измени, рече Стојановска.
Според пратеникот Димитар Апасиев, промена на Устав се прави со специјални одредби и деловничкиот рок не зависи од ничија волја.