ДЗР: И после десет години проектот за пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје не е подготвен за физичка реализација

Иако за проектот Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје се обезбедени средства, подготовката на овој проект е започната во 2007 година, а во 2014 година направена е надградба и ажурирање на студијата за изводливост за изградба на пречистителна станица, и после десет години проектот не е подготвен за физичка реализација, укажува Државен завод за ревизија.

Ревизорите извршија анализа на „Реализацијата на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот на Република Северна Македонија, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“.

-Проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води на Град Скопје е најголема инвестиција од областа на животна средина за кој од државата обезбедени се средства во износ од 196 милиони евра, и доделени се ЕУ средства во вредност од 69,7 милиони евра. Од 24 ревидирани проекти кои „тежеле“ 64,2 милиони евра, за 19 се склучени догори за градба и само еден е завршен, за 5 воопшто не се склучени договори за градба. Застојот е од различна природа, но за четири проекти се веќе раскинати договорите и од нив за три има меѓународна арбитража и побарување за штета во вкупен износ од 45,5 милиони евра. за два проекти постои неизвесност поради изминат рок на градба, а не склучени нови анекси кон постојните договори за градба, утврдиле ревизорите.

Во нивниот извештај се наведува дека отсуството на систем за управување со јавни инвестиции и непреземањето на корективни мерки предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за реализација на проектите и високи фискални ризици за јавните финансии, како и ризик за економијата и животот на граѓаните.

Многу забелешки ревизорите имаат и за изградбата на пругата кон Бугарија

-Проектите за изградба на Коридор 8 од железничка инфраструктура кон исток фаза 1 и 2 започнати се во 1996 година и сеуште не се завршени. Вредноста на овие проекти е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра, пишува во ревизорскиот извештај.

За истиот проект за Фаза 3, планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60,7 милиони евра.

-Во исто време нагласуваме дека вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Република Северна Македонија истата е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра, соопштија ревизорите.

Претходна вест„Комунална хигиена“ повторно предупредува: Место во контејнер ѓубрето се фрла на јавни површини во Скопје
Следна вестТешко повреден велосипедист во Драчево