Еди Рама: Бекташките муслимани ќе добијат своја независна држава во Тирана налик на Ватикан

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека ќе му даде статус на суверена држава на исламскиот суфиски ред Бекташи во Тирана заради промовирање на умереност, толеранција и мирен соживот.

Зборувајќи во Обединетите нации, Рама истакна дека Албанија спасила еврејски бегалци за време на Втората светска војна и згрижила Авганистанци по враќањето на талибанците на власт пред три години.

-Албанците исто така се горди што на светот му ја дадоа Мајка Тереза, која е отелотворение на љубов и човечност. Таа ни кажа дека не можат сите да прават големи работи, но можеме да правиме мали работи со многу љубов. Тоа е нашата инспирација за трансформацијата на Светскиот бекташки ред во независна држава во нашиот главен град Тирана, кажа Рама.

Околу 50 отсто од населението во Албанија се муслимани, а голем дел од остатокот се католици и православци. Последните податоци од пописот во Албанија покажаа дека бекташиите сочинуваат 115.000 од 2,4 милиони жители на земјата.

Засега е нејасно како овој ред законски би добил независност.

-Ваквиот потег има за цел да го признае Бекташкиот ред како независна, самоуправна држава, налик на Ватикан. Државјанство би добиле само високите религиозни членови и поединците вклучени во управувањето со државата, објави редот.

Бекташкиот ред потекнува од 13. век, а се здобил со политичко значење во 15. век. По основањето на Турската Република, седиштето на бекташката заедница се преселило во Албанија, каде што се вклучила и во политичкиот живот.

На челот на редот е Баба Монди (65), поранешен офицер на албанската армија, кој милиони луѓе ширум светот го почитуваат со неговата официјална титула, Негова Светост Хаџи Деде Баба.

Претходна вестСообраќајка во Прилеп, четворица повредени откако 20-годишник со „Пежо“ се забил во оградата
Следна вестНов, послаб земјотрес во Македонија