Една година од војната во Украина, се наѕира ли крајот?

Една година од воениот конфликт во Украина. За Русија тоа е специјална интервенција-операција, а за Украина агресија и окупација. Болно е што всушност  сето тоа за двете земји е причина за илјадници настрадани лица.

Конфликтот кој само е покрваво продолжение и кулминација на десет-годишните воени судири во Источна Украина односно Донбас започна со говорот на Рускиот претседател Владимир Путин, кој во специјалното обраќање до граѓаните на Русија, објави дека донел одлука за започнување на „Специјална воена операција“ бидејќи „околностите бараа Русија да преземе решителни и итна акција“ и да им помогне на регионите на Доњецк (ДНР) и Луганск (ЛНР) и да се залага за демилитаризација на Украина.

Истиот ден, претставниците на ЕУ се договорија за првите економски санкции против Русија.

Официјални лица на водечките незападни економии во светот, како што се Бразил, Индија, Кина и Јужноафриканската унија, во текот на изминатата година повикаа на деескалација и мирно решавање на конфликтот, но не ја осудија експлицитно Русија ниту ги критикуваа руските официјални лица.

Белорусија е единствената земја која отворено ја поддржа Русија, а руската армија започна напад врз Киев и западна Украина од територијата на Белорусија.

Посебно медиумско внимание привлекоа битките во Мариупол, а опсадата на овој град траеше практично од првиот ден на војната до 20 мај и предавањето на остатоците од украинските војници, кои со денови беа под опсада во железарницата Азовстал.

Во првите недели од војната, во текот на месец март, според проценките на францускиот Монд, Русија успеала да окупира околу 25 отсто од украинската територија, а нејзините војници стигнале дури и на дофат на украинската престолнина Киев. Денес Русија контролира околу 15 проценти од Украина. По референдумите организирани во самопрогласените ДПР и ЛНР, како и делови од украинските региони Керсон и Запорожје, кои се под контрола на Москва, Кремљ официјално ги прогласи тие територии за суверени делови на Русија.

Украинските власти, како и руските, не откриваа често информации за жртвите, но според различни извори тие се многу, со што овој конфликт станува најкрвавиот на европско тло по Втората светска војна. Во своето последно обраќање, во пресрет на годишнината од војната во Украина, Путин рече дека Русија цврсто ги брани не само своите интереси, туку и својот став дека во современиот свет нема поделба на „цивилизирани“ и други земји.

Тој оцени и дека Западот е подготвен да употреби секакви средства за борба против Русија, вклучително, како што наведе, „терористи и неонацисти“, се додека тие им служат на неговите цели. Изјави и дека Русија не е во војна со народот на Украина и дека народот на Украина е заложник на режимот во Киев и на Западот, кој, според претседателот на Русија, „всушност ја окупирал таа земја“. Путин уште еднаш истакна дека Русија како и во сите историски битки така и во ова ќе победи.

Но, на победа се надева и украинскиот претседател Володимир Зеленски кој денес ја одбележа првата годишнина од руската инвазија на неговата земја со пркосна порака, нагласувајќи дека Украинците на крајот ќе победат.

Во видеото објавено во медиумите и насловено „годината на непобедливоста“, Зеленски (45) седнува на маса и се присетува како им се обраќал на Украинците пред една година, во време кога Киев и светот беа потресени од руската инвазија.

– Пред една година на денешен ден, од истото место околу седум часот наутро, ви се обратив со кратка изјава, која траеше само 67 секунди. Станавме една голема армија, во која сите придонесуваат. Главниот заклучок е дека преживеавме. Ние не сме поразени. И ќе направиме се за да победиме оваа година.

Се наѕира ли крајот на оваа војна? Ако се суди по изјавите на двата клучни актери по се изгледа не. И двете страни имаат дијаметрално спротивни ставови за тоа како би требало да изгледа крајот. Сепак на крајот ќе победи ли разумот и ќе почнат набргу мировни преговори?

Претходна вестПриведени тројца разбојници кои „оперирале“ во куќа во Битола
Следна вестЗимска „апокалипса“ во САД, 13 милиони луѓе погодени од бура