Новоназначената економска директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Илјази не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника. Не ретко таа на работа доаѓа со својот татко кој постојано е со неа како да е нејзино обезбедување, објави порталот МКД.мк повикувајќи се на извори од Клиниката.
Бесија Илјази е назначена за организациски директор на Клиниката за токсикологија на 14 февруари оваа година од страна на новиот министер за здравство Илир Демири. Тој, само еден ден откако влезе во министерскиот кабинет, назначи организациски директори на клиниките за токсикологија, неврологија, ендокринологија, стоматологија и физикална.
Изворите на поратлот МКД.мк наведуваат дека ја виделе само еднаш кога дошла да се претстави.
-Ја видовме само еднаш кога дојде да се претстави. Тоа што го кажуваше го читаше од ливче на исклучително лош македонски јазик. Неколку пати ја видовме како низ ходниците оди со татко ѝ кој личи како да е нејзино обезбедување, наведува овој портал.
Од Министерството за здравство е добиен одговор дека нема ништо спорно во именувањето на Иљази.
-Бесија Иљази е назначена за организациски директор на Клиниката за токсикологија на 14 февруари оваа година, секоја универзитетска клиника според законот за здравствена заштита треба да има по двајца директори, еден медицински и еден организациски директор. Таа има завршено економски факултет, со претходно работно искуство во струката, соопштија од Минстерството за здравство.
Но, од јавно достапните информации МКД.мк најде дека таа завршила Економски факултет на Тетовскиот универзитет и дека претходно била вработена во одделението за финансии во општина Тетово, но и во кабинетот на заменик министерот за култура Седат Сулејмани. Но од ова министерство велат дека Бесија Иљази никогаш не била вработена таму туку дека само била ангажирана со договор на дело во кабинетот на заменик министерот за култура Седат Сулејмани, од септември 2020 до 17 јануари 2022 февруари.