Фудбалерите на Фросиноне го изненадија актуелниот шампион на Италија, Наполи во осминафиналето од Купот на Италија, на стадионот „Диего Марадона“, победувајќи го со убедливи 4:0. Тренерот на Наполи, Валтер Мацари мечот го почна со резервниот состав. Во тимот го немаше македонскиот репрезентативец Елиф Елмас поради повреда, како и неколку стандардни првотимци.
Џовани Ди Лоренцо, Осимен и Кварачкелија влегоа во второто полувреме, во 60-та минута при резултат 0:0, но без ефект за што жестоко беа критикувани во италијанските медиуми.
Тоа беше историска победа за Фросиноне, кој никогаш претходно не го победил Наполи, ниту пак стигнал до четвртфинале на Купот на Италија, во кое ќе игра со победникот од мечот Јувентус – Салернитана (играат на 4 јануари).
Фросиноне им се приклучи на Фиорентина и на Лацио во четвртфиналето, кои се пласираа пред две недели. Интер вечерва (21 часот) игра со Болоња, а преостанатите осминафинални натпревари се закажани за јануари; Милан – Калјари (2.1.), Аталанта – Сасуоло (3.1.) и Рома – Кремонезе (3.1.).