Денешното вето на Бугарија кон Македонија предизвика и реакции меѓу македонската интелектуална јавност. Научниот советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елка Јачева – Улчар, врзано со тоа објави текст на Фејсбук. Ви го пренесуваме во целост:
Кога сам ќе си го запустиш дворот!
Не чудете се, воопшто, за ова што ни се случува со Бугарија!
– 20 и кусур години без подмладок работи Институтот за македонски јазик;
– 10 години без ниеден проект финансиран од МОН;
– неподдржување на македонистите за учество на славистички конгреси, научни симпозиуми каде што ќе се бранат Македонија и македонскиот јазик;
– замрена издавачката дејност во МОН, т.е. немање конкурс за издавање на каков и да е научен труд, вклучително и на оние што се однесуваат на македонската наука за јазикот;
– згаснуваат лекторатите по македонски јазик во странство од каде што своевремено, како што кажува и професорот Блаже Конески, ни даваа поддршка значајни лингвистички имиња;
– платата на нашите лектори од 250 евра за работа во метрополи како Париз, Москва, Истанбул…
И на сите овие работи се укажува со децении… ама кој да послуша?!!
Помина времето кога сред Институтот простум стоеше македонскиот политички врв и му аплаудираше на Б. Конески… Денес е обратно. Науката треба да И аплаудира на политиката, ако сака да преживее…
И сега, – леле што ни прават Бугарите, Грците…
Е, леле, кога сами си го запустивме дворот!, напиша Јачева – Улчар.