За само неколку минути тетовската модуларна болница се претвори во пепел по огнената стихија во која животите трагично ги изгубија 14 пациенти. Како можеше тоа да се случи? Зарем имаше толку лесно запалив материјал вградено?
Медиумите денеска ја пренесоа и изјавата на координаторот на Ковид центарот во Тетово, Газим Нуредини кој рече дека се чуди…
-Тоа сѐ траеше 3-5 минути. За тоа време се спасија само 12 пациенти. Другите не се успеа бидејќи пламенот за 3 минути го опфати целиот простор. Мене ми е чудно… и суво дрво да беше немаше да изгори за толку кратко време, но да видиме што ќе кажат експертите, рече Нуредини.
Сите очевидци укажуваат дека огнот молскавично се проширил откако избувнал во една од просториите. Тоа веднаш го отвори пршањето од каков материјал била направена модуларната болница штом така лесно се запалила? Односно, дали била направена по стандарди?
Министерот за здравство Венко Филипче на вчера изјави дека модуларните болници се безбедни.
-Го доведуваат во прашање квалитетот и безбедноста. Она што тука го имам со мене, тоа е целата документација за набавка и поставување за модуларните болници, и сето тоа е со запазени строги стандарди и постапки и вакви проекти поддржани од Светска Банка. Истрагата треба да утвди дали по предавањето во употреба истиот бил квалитетно употребуван. Самите болници и нивниот квалитет нашиот интерен увид покажаа дека се што е вградено од материјалите е со сертификат, а процесот на инсталација е со А тестирање. Сето тоа е под контрола на компанија, буквално за секој материјал вградени во болницата, објасни министерот.
Но, по ова објаснување логично се наметнува прашањето: што ќе се случеше ако тетовската модуларна болница не беше изградена според такви стандарди? Ќе изгореше ли за помалку од 3-5 минути за колку што изгоре прексиноќа? Очигледно, некое објаснување е потребно, најмногу за тоа какви материјали биле вградени во ѕидовите и покривот на болницата. Дати тие биле огноотпорни односно според предвидените стандарди или не?
Истрагата и одговорот треба да го даде независна и објективна истрага која мора што побрзо да заврши.