Од 15 ноември ноќните клубови-дискотеки, баровите и угостителските објекти за свадби и други прослави ќе можат да работат во затворените делови со 50 проценти од капацитетот на објектите. Ова е ново олабавување на превентивнте мерки против ширењето на корона вирусот кое вчера го дозволи Владата на синоќешната седница. За влез во овие објекти ќе биде потребно задолжително да се покаже сертификат за две примени дози од вакцината против Ковид-19 или пак потврда за прележан вирус во последните 45 дена сметајќи од денот на оздравувањето. Вакцинирањето со две дози вакцина ќе се бара и за влез во угостителски објекти, хотели, трговски центри, бензински станици, казина и обложувалници, или за посетување настани наместо една доза како што беше досега.
Добро. Владата, решила дека во овој момент и е потребно да има олабавување на превентивните мерки.
Од друга страна пак, Институтот за јавно здравје деновиве соопшти дека во периодот од 18 до 24 октомври во земјава се забележани 2.704 нови позитивни случаеви во 33 градови во земјава. Тоа е зголемување од 22,6 проценти во однос на неделата пред тоа. Односно, тоа се сигурен показател дека во Македонија како да почнува поголемо ширење на корона вирусот. Такво ширење со голем број на заразени и на починати лица веќе се случува во регионот – во Бугарија, Романија, Србија, Црна Гора…
Тоа го отвора прашањето – ги знаела ли овие податоци Владата кога најави овозможувањето на работата на дискотеките, на рестораните во затворени делови…? Исто така, знаат ли дека вакцинирањето не е гаранција дека некое лице нема да се зарази или да не го шири вирусот?
До 15 ноември (а може и по избоите) има време да се види дали ова олабавување е најисправен потег кој го донесе Владата по предлог на Комисијата за заразни заболувања. Дотогаш, пак, најверојатно пак ќе ги слушаме истите предупредувања дека е потребно придржување до превентивни мерки, одбегнување на масовни собири, да се вакцинираме…