Европската агенција за лекови (ЕМА) потврди дека постои поврзаност помеѓу вакцината на „Астра Зенека“ и згрутчувањето на крвта. Комитетот за безбедност предлага тоа да биде вклучено како можен нус-ефект од вакцината.
Меѓутоа, од ова европско регулаторно тело на денешната прес-конференција, повторно укажаа дека оваа последица е многу ретка и користа и натаму е поголема од ризиците.
За експертите од Агенцијата мора да продолжи вакцинацијата со сите расположливи вакцини затоа што тие спречуваат тешка форма на болеста и хоспитализација.
Агенцијата ќе ги информира сите здравствени работници како да ги детектираат знаците на згрутчување на крвта кај пациентите, а предупредувањата во упатството за „Астра Зенека“ ќе бидат актуализирани и ќе го содржат и згрутчувањето на крвта како можна последица од оваа вакцина.
Ризикот од тромбоза по „Астра Зенека“ може да се случи до две недели по вакцинирањето, а можни знаци, меѓу другото, се краток здив, тешкотии со дишење, болка во вратот, главоболка и заматен вид.
По оваа прес-конференција ЕМА ќе разговара со здравствените власти во сите земји од ЕУ за вакциналните стратегии, но секоја членка сама може да одлучи како понатаму ќе вакцинира со дозите на оваа компанија и дали смета дека треба да се ограничи вакцинацијата на одредени групи од населението.