Авиодезинсекцијата против тигрестите комарци треба да се укине во населените места и да се спроведува рачно, смета познатиот епидемиолог Драган Даниловски. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој наведува дека сегашниот начин против размножувањето на овој вид комарци не е ефикасен и дека треба промена на стратегијата.
-Авиодезинсекцијата во населените места, која се спроведува секоја година по неколку пати е „сизифовска“ работа, зашто, едноставно, не може да биде успешна и треба да се укине. Зошто? Затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви… Таа треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди. Во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата, порачува Даниловски.
Тој објаснува дека освен за болеста денга, тигрестите комарци се вектори и за некои други заболувања: треската чикунгуња, зика, жолта треска, како и некои паразити. За среќа, овие болести не се присутни во Македонија, па затоа комарците, реално, не можат да ги пренесат. Но, сепак, додава тој, реален ризик е пренесувањето на вирусот на западнонилската треска, зашто природни резервоари претставуваат птиците.
Драматичната глобална експанзија на тигрестиот комарец се должела, пред сѐ, на човечките активности, особено трговијата со половни гуми и пасивниот транзит преку јавен и приватен транспорт. Втора причина е неговата извонредна еколошка пластичност и компетитивност. Од средината на 1960-тите, тигрестиот комарец се проширил во Европа, обете Америки, Карибите, Африка и Блискиот Исток. Откако се има етаблирано во Албанија (1979), потоа, во Италија и на Азурниот брег во Франција. Познато е дека Ае. албопицтус се проширил во Грција, Шпанија и балканските земји, Швајцарија, Шпанија, Холандија и Малта. Најден е и во јужна Германија, Австрија, Чешка и Словачка, Словенија, Русија, Турција и Романија. Во САД е внесен, исто така, преку трговија со половни гуми.
-Предвидувањата за климатските промени укажуваат дека Ae. albopictus ќе продолжи да биде успешен инвазивен вид, кој ќе се шири надвор од сегашните географски граници. Овој комарец веќе покажува знаци на адаптација на постудени клими, што може да резултира со пренос на болести во нови области. Во Македонија првпат е докажан во 2016 година на границата со Грција. Сега веќе е доминантен вид, зашто, практично ги има потиснато другите „домашни“ видови комарци, укажува овој епидемиолог.
Тој додава дека карактеристично е што женките касаат по цел ден, а не како другите, само наутро и навечер. Исто така, за положување на јајцата не му се потребни големи површини застојана вода, туку доволни се и мали количини, на пример, во саксии за цвеќе, вазни, контејнери и автомобилски гуми, барички вода во дворот. Агресивен е и создава посилни алергиски реакции кај луѓето, отколку „домашните“ комарци.
-Освен тоа, од суштествена важност е да се организира јавна едукативна кампања, за граѓаните да внимаваат да немаат застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. За лична заштита, треба да се користат репелентни средства. На прагот сме на летото и на интензивна активност на тигрестите комарци. Иако е малку веројатно да пренесат егзотични болести кај нас, сепак, реално, ќе предизвикуваат тешки непријатности, заради целодневното агресивно касање. Оттаму, мислев дека нема да биде на одмет едно укажување до надлежните за потребата од менување на стратегијата за превентивната дезинсекција, како и потсетување на граѓаните за индивидуалните мерки за заштита, потенцира Даниловски.