Претворањето на Света Софија во џамија како личен успех го спомена во говорот синоќа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по повод доделувањето на ликовните награди во Истанбул. Предметните награди се востановени во спомен на милитантниот исламистички турски поет Неџип Фазил Кисакиурек, кој беше жесток борец за повторното отворање на Света Софија како џамија и политички се судри со кемалистичкиот естаблишмент.
– 37 години по неговата смрт (на поетот), ја имавме честа да ја отвориме Света Софија, што беше неговиот најголем сон. Слава му е на Алах. По 80 години копнеж заедно ги скршивме синџирите и ја вративме Света Софија во првобитната форма, по желба на Освојувачот. Уште еднаш го фалам мојот Господ што ни ја даде оваа чест, ова достоинство да го прославиме крајот на заробеништвото на Света Софија. Да се биде запаметен како претседател кој повторно ја отвори Света Софија е најголема чест во светот за нас, рече турскиот претседател од говорницата на настанот.
Претседателот Ердоган, исто така, рече дека оние кои ќе ја заштитат Света Софија се младите, кои поединечно ќе одговорат на повикот.