Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неодамнешното тестирање на турска балистичка ракета ја исплашило Грција. Тој се закани дека Анкара нема да седи со скрстени раце доколку Атина продолжи да стационира американско оружје на островите во Егејско море.
– Сега почнавме да правиме наши ракети и ова производство ги исплаши Грците. Ќе кажете „Тајфун“, а тие се плашат, велат дека тоа може да ја погоди Атина. Да, секако дека може да ја погоди. Ако не останете смирени, ако се обидете да го поставите оружјето што го добивте од САД на островите, и ќе ја погоди“, предупреди Ердоган, a пренесува „Анадолија“.
Во октомври Турција тестираше домашно произведена балистичка ракета со краток дострел „Тајфун“ над Црното Море, за која рече дека може да погоди цел на растојание од 560 километри за 456 секунди. Анкара е вознемирена од она што го опишува како „зголемено трупање на грчката армија на островите во близина на нејзиниот брег“, но и од воената поддршка што Грција ја добива од САД, наведе „Анадолија“.