Ердоган попушти, Шведска влегува во НАТО

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се согласи да го поддржи влезот на Шведска во НАТО, соопшти вчера шефот на Алијансата Јенс Столтенберг. Тоа е договорено на средбата на шефот на НАТО со турскиот претседател и шведскиот премиер Улф Кристерсон во Вилнус, пред самитот на западниот воен пакт кој почнува денеска.

Додаде дека се активира протоколот за пристапување и дека Турција наскоро ќе го ратификува влезот на Шведска во Северноатлантската алијанса.

-Претседателот Ердоган се согласи да го проследи протоколот за пристапување на Шведска на Големото народно собрание (турскиот парламент) што е можно побрзо и тесно да соработува со собранието за да се обезбеди ратификацијата, кажа Столтенберг.

Тој го опиша како историски чекор, но истакна дека сè уште не може да даде точен датум кога Шведска би можела да се придружи на воената алијанса. Столтенберг на Твитер објави и фотографија со Ердоган и шведскиот премиер.

-Ова е историски чекор кој сите НАТО сојузници ги прави посилни и побезбедни, порача тој со фотографијата.

Шведскиот премиер порача дека ова е добар ден за Шведска и дека тоа е голем чекор кон членството.

-Ова е веќе долго моја цел и верувам дека денес добивме добар одговор и направивме многу голем чекор кон членството, кажа Кристерсон.

Шведска и Финска аплицираа за НАТО минатата година, по руската инвазија на Украина. Финска доби зелено светло во април годинава и првпат на овој самит учествува како полноправна членка, но Шведска ја кочат Турција и Унгарија. Будимпешта кажа дека ќе го одобри шведското членство откако тоа ќе го направи Турција.

 

Претходна вестСончево и топло со умерен ветер
Следна вестСтаорците заиграа „оро“ низ Дебар маало откако градот беше затрупан во ѓубре