ЕУ маратонот трае веќе 19 години, Маричиќ повикува мудро да продолжиме со трчање

Со години Македонија е охрабрувана дека е блиску до вратата на ЕУ. Ама таа врата како да се поместува одвреме – навреме ама нашите политичари сосе оние од Брисел велат дека сме блиску. „Ќе биде, само уште малку трчање треба“, ни велат.

Македонското население во последно време се подразочара и измори. Ова стана повече од маратон. Искина 100 пара патики трчајќи и сопки примајќи, ама вратата пак е на истото растојание – далеку, не се доизмерува. Така е веќе точно 19 години.

-Денес не треба да имаме дилема дали требаше или не да се поднесе апликацијата во Даблин, е став со кој, покрај другото, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ја одбележа 19-годишнината од предавањето на апликацијата за членство на Република Македонија во ЕУ.

Познато е, на 22 март 2004 година, тогашниот македонски премиер Бранко Црвенковски во Даблин, главниот град на Република Ирска, ја предаде апликацијата за членство на Република Македонија во ЕУ. 

Вицепремиерот Маричиќ на Фејсбук напиша дека со поднесувањето на барањето за членство во Унијата македонската Влада избра европска иднина за земјата, со што и официјално го започнавме нашето патување низ бриселските процедури до членство во ЕУ.

-После 18 години чекање за почеток на преговори со ЕУ и тешките и државнички одлуки кои ги донесовме, успеавме членството на Македонија во ЕУ да го направиме реално и сигурно. Јасно е и извесно дека Македонија ќе стане членка на Европската унија. Сега е прашање само на мудро искористување на околностите и нашата подготвеност, пишува Маричиќ.

Дали по патот до Брисел ќе има нови сопки и замки, не беше соопштено. Ќе има ли пак поместување на целта за некој километар наназад, исто не беше кажано. Јасно е само дека Маричиќ е подготвен да истрча колку што треба.

Претходна вестВучиќ: За Србија не доаѓа во обѕир признавање на Косово и негово членство во ОН
Следна вестПоради повреда на мускулот, Бабунски нема да биде дел од првите неколку натпревари на Македонската репрезентација