Еве краток одговор на добрите прашања од холандскиот амбасадор

На македонската власт и стана навика да избегнува да дава одговори на прашања кои не и се допаѓаат. А прашања има многу, што од опозицијата, што од јавноста. Зачестија и јавно поставени прашања од амбасадори акредитирани во Македонија.

Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп пред некој месец постави фини прашања, а вчера јавно продолжи во ист стил во присуство на македонски политичари:

-Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство. Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам дека ЕУ е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?

Директно и јасно прашано.

Тој воедно укажа дека „сите овие години има стратегија за се, има по два акциски планови за се, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно. Сепак, се е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот“.

Инаку, минатиот пат амбасадорот имаше и други прашања:

-Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементирани? Дали е тоа прашање на менталитетот?

Дали Владата на ова тогаш одговори не е познато. Не е извесно дали и сега јавно ќе одговори на амбасадорските прецизни прашања. Министрите треба да одговорат зошто амбасадорот мисли дека нема реформи, кога ете тие на македонската јавност нон-стоп и велат дека реформите успешно се спроведуваат, дека се работи напорно, дека…

А каде се странските пари можат да одговорат со книговодствено списоче. Па нели власта (а и од странците избраните невладини организации) за се водат прецизно сметка каде се троши и што полза од тоа видовме сите во Македонија?

Време е Владата да одговори. Амбасадорот постави добри прашања и не е добро да биде игнориран како што ја игнорираат македоската јавност кога прашува.

А треба да се одговори и на вчерашната поента на амбасадорот дека „Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас не оставате да ве чекаме премногу“.

За ова, може да одговори и македонската јавност. Всушност можеби е доволно само да се цитираат неколку изјави на евробирократи и тамошни лидери па да се види дали само ЕУ ја чека Македонија или има и обратни ситуации.

Еве цитати:

-Северна Македонија е пример, каде мислам дека ЕУ не е беше секогаш многу фер, бидејќи побаравме многу различни работи, а вие ги испорачавте, изјавил потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас во март годинава.

-Западен Балкан за Германија е од стратешко значење и јас се залагам за неговиот прием во Европската Унија. Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за Северна Македонија. ЕУ кон Северна Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори, рече германскиот канцелар Олаф Шолц лани во јуни.

-Уверена сум дека самитот со Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Северна Македонија и Албанија, ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување, рече фон дер Лајен во јули 2021 година.

-ЕУ лидерите не успеаја да ги исполнат своите заложби за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија на Европскиот Совет. Ова претставува екстремно разочарување. Земјите членки на ЕУ сега треба да се изјаснат за тоа колку е сериозна нивната заложба кон ЕУ интеграцијата на Западниот Балкан, истакна во октомври 2019 година еврокомесарот Јоханес Хан.

Има уште многу други вакви изјави на функционери од ЕУ или од земји членки. Сите тие покажуваат дека и Македонија чека, а не само ЕУ. Очигледно, некои негови прашања треба да се и за Брисел, и за некои земји членки на Унијата, и за…

Инаку, во врска со менталитетот кој минатиот пат го спомена холандскиот амбасадор, ако мисли на министрите и на другите македонски функционери кои не ги спровеле реформите, еве краток одговор:

Чии дипломати, комесари и државници ги учеа македонските политичари дека можат да истераат некои болни работи за Македонија (на пример за промена на државното име) на „балкански и рационален начин“? Е, тие дипломати сега треба да се запрашаат – влијае ли тоа на опуштеноста на македонските владеачки политичари и понатаму да си раководат на балкански начин?

Да потсетиме, токму холандскиот амбасадор пред извесно време ја подучи македонската јавност: „треба да се затне носот и да се голтнат уставните промени“. Неговата поента можеби македонските министри сега ја преобразија во: „треба сите да го затнат носот и да голтнат како ние ја раководиме Македонија“?

Да, да. Многу дилеми има, на кои многумина и од Македонија и од ЕУ треба да одговорат. Само за една работа не треба да има дилема:

Сите политички чинители мора да се вратат на вистинските европски стандарди. Сите, независно од која држава се!

Претходна вестВиктор Стојанов на „неодредено“ време нема да може да влезе во Македонија
Следна вестУФЦ спетакуларно ја најави борбата помеѓу Волкановски и Махачев