Европска прагматична политика или лицемерие?!

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:

Изјавата на германската канцеларка А. Меркел, дадена по состанокот со шефовите на држави и влади на шесте земји од Западниот Балкан, дека бугарската блокадата била „изненадувачки развој на настаните“ и дека не можеле да ја предвидат, сигурно е за неупатените! Надворешната политика на земјите членки на ЕУ, а особено германската е темелна и континуирана, познавајќи ги историските прилики, без непредвидливи варијации.

Уште од раните 30-ти години на 19 век преку т.н. баварократија (до 1862 г.) во новата грчка држава, до претседателствувањето на Бизмарк со Берлинскиот конгрес (1878), се зголемува германското присуство на Балканот. Тогаш, во новосоздаденото Бугарското Кнежевство започнуваат да владеат кнезови од германско потекло.

Првиот бугарски кнез Александар Батенберг (1879/86) е германски благородник, чие семејство има роднински врски со англиското кралско семејство и со рускиот императорски двор. По неговото абдицирање, на кнежевскиот престол од 1887 г. во Софија е повторно германски аристократ – Фердинанд Сакс-Кобург-Гота, чие семејство е во најтесни врски со повеќе кралски куќи во Европа – британската, руската, француската, белгиската, шпанската, италијанската, потугалската.

Фердинанд како владетел ја форсирал  идеата за Санстефанска Бугарија и во текот на своето 31-годишно владеење, се претставувал за носител на таа „велика“ бугарска идеја. Ова пак, го продолжува неговиот син – царот Борис III (1918/43). Неговиот наследник, Симеон II (Сакскобурготски) во современите прилики дејствува како бугарски политичар, односно премиер, во периодот (2001/5).

Оттука, династичките (роднински) врски и во нашето време имаат силно влијание во политичките односи на државите, иако се одвиваат во заднина, задскриени од општата јавност. Последново е моќен адут при внесувањето на Р. Бугарија во друштвото на земји членки на ЕУ (2007). И не само тоа, доаѓањето на власт на Б.Борисов (2009) е спонзорирано и од германските конзервативци, за возврат на создавање поволна деловна клима во Бугарија за германските финансии. Така што, Германија и другите држави од ЕУ многу добро ги познаваат балканските, а со тоа и бугарските прилики, за да бидат непријатно изненадени од одредени нивни постапки.

Конечно, илузиите на Бугарија од рускиот прелиминарен договор (1878), тие сè уште ги толерираат во вид на Санстефански хегемонистички аспирации кон Македонија. За која пак, уште во 1994 г. германскиот министер за надворешни работи – К.Кинкел, без ни малку совест, предложи да се преименува во „Северна Македонија“. И така се случи, во 2018 г.! Така што, грчко-бугарско-албанските односи кон Македонија се само производ на „великите“ политики на Големите,  иако живееме во 21 век.

Останува констатацијата, дека бугарското вето и покрај својата контраверзност ја покажува асиметријата на моќ меѓу земјите на ЕУ и земјите кандидати. Во однос на германската реторика, ако воопшто, постоело расположение за проширување, ЕУ би извршила притисок врз Софија да го одобри пристапувањето на Македонија („Северна“). Многу билатерални несогласувања се решени за време на претходните процеси на проширување, но бриселократите се очигледно незаинтересирани за стекнување нови членки, во актуелниот момент, заради идејна стерилност и внатрешни проблеми. Формалниот и само навидум активен однос на Германија кон спорот го одразува ова. Бугарско-македонскиот вештачки спор, воедно го истакнува и лицемерието на ЕУ која декларира вредности како – мир, демократија, човекови права, признавање на различноста, жртвувајќи ги во исто време за свои прагматични намери и цели.  Наспроти сево ова, неопходно е да се јакне и брани македонскиот национален суверенитет и да се определат македонсите интереси како различни од „северните“ настојувања за идентитетско, историско и именско обезличување!

 

Претходна вестПочнува 61-то „Охридско лето“
Следна вестКинат зелени, а мислат екологисти се