Европската агенција не гледа поврзаност на згрутчувањето на крвта и вакцината „Астра Зенека“

Европската агенција за лекови (ЕМА) тврди дека вакцината против ковид на Универзитетот Оксфорд и „Астра Зенека“ не е поврзана со случаите со згрутчување на крвта во неколку земји кои поради тоа ја  прекинаа имунизацијата со оваа вакцина.

Бројот на вакви случаи кај вакцинираните лица не е поголем отколку кај општата популација, се наведува во соопштението по веста дека некои земји, меѓу кои и Данска и Норвешка, ја прекинале вакцинацијата со вакцината на „Астра Зенека“ откако мал број луѓе по вакцинацијата имале проблем со згрутчување на крвта, пренесува Би-би-си.

Од ЕМА велат дека придобивките од вакцината ги надминуваат нејзините ризици и може да се даде додека се испитуваат случаи на тромбоемболија, додавајќи дека се работи за 30 вакви случаи на пет милиони вакцинирани граѓани во Европа.

Данска, Норвешка, Италија и Исланд „од претпазливост“ престанаа да ја даваат вакцината „Астра Зенека“ поради сомневања дека предизвикува згрутчување на крвта, и покрај изјавите на производителите и европскиот регулатор кои тврдат дека вакцината е безбедна, објавија медиумите во неколку европски земји.

Во понеделникот Австрија, исто така, привремено ја прекина вакцинацијата со „Астра Зенека“ додека не се испита случајот на смрт поради нарушувања на коагулацијата на крвта и случајот со белодробна емболија.

Вакцинацијата е запрена и во Естонија, Литванија, Летонија и Луксембург, пренесуваат агенциите и се наведува дека досега се испорачани околу еден милион дози на вакцини од спорната серија во 17 земји.

Претходна вестЦентралниот регистар ги послуша сметководителите, а не министерот
Следна вестУште еден викенд без кафеани и продавници во Србија