Европската комисија ги повика Скопје и Атина да се држат до договорот за промена на името

Портпаролот на Европската комисија изјави за „Euractiv“ дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во време на нова расправија меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор.

Од Европската комисија изјавуваат дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.

„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција“, изјави портпаролот на Европската комисија за Еурактив.

Новата дипломатска криза меѓу двете земји избувна откако новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која доаѓа од националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ, одби да го користи официјалното име на земјата за време на нејзината инаугурација на 12 мај. Силјановска ја нарече земјава „Македонија“ наместо Северна Македонија, официјалното уставно име по договорот за промена на името со Грција во 2018 година, инаку познат како Договор од Преспа.

Инцидентот предизвика реакции низ Европа и САД, при што многумина стравуваат од заживување на спорот кој се смета за отворена рана за балканскиот регион.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, изјави дека ќе ја нарекува својата земја како што сака. Мицкоски дури ја покани Грција да се жали до Меѓународниот суд на правдата, како што е предвидено во членот 19 од Договорот, во случај да смета дека тоа е прекршување на Договорот од Преспа.

Среде нова криза, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (Нова демократија, ЕПП) се закани дека ќе стави вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ, доколку Скопје не се придржува до договорот за промена на името.

Претходна вестЕдно лице загина, две се повредени во сообраќајка што се случи вчера на автопатот Куманово – Скопје
Следна вестУКИМ ги одбележува 75-годишниот јубилеј и Денот на Кирил и Методиј