Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме ова нема да престане, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. На конференцијата за печат тој зборуваше за препораката за вакцинација 45 ена по прележувањето на корона вирусот а што предизвика дилеми и рекции во јавноста, како и за мерките на Владата.
-Што побрзо се подигне степенот на вакцинација и се постигне колективен имунитет, затоа што вакциналниот имунитет е траен, ќе спречиме и следни бранови. Ние мора ова да го прекинеме еднаш, не можеме повторно да се соочуваме со тешки бранови и тоа е логиката на овие 45 дена препорака да се вакцинираат прележаните, потенцира Филипче.
Според него, нема никакви пречки прележаните да се вакцинираат порано.
-Нема разлика за пациентот кој се опоравува дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци, за него нема никаква разлика, но има разлика за колективниот имунитет. Нема зијан или контраиндикација да се вакцинира порано, Има јасни сознанија дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот е оној кој е потраен. Во таа смисла Американскиот центар за контрола на болести тоа го кажа, а го укажа и Светската здравствена организација. Дури и десет дена по тестирањето кај асимптоматските случаи се препорачува вакцинирање. Сите препораки водат кон тоа за што пократко време луѓето да се имунизираат. Има студии кои покажуваат дека прележаните имаат имунитет и по пет и по осум месеци, но тој се намалува. Но, бидејќи имаме препораки за што поскоро вакцинирање, важно е граѓаните да го сторат тоа, рече министерот.
Филипче додаде дека целта на мерките и на условувањата е да се подигне степенот на вакцинација.
-Целта е да се подигне степенот на вакцинација и да се постигне колективен имунитет, зошто граѓаните да се изложуваат на дополнителни трошоци со секојдневно правење на ПЦР-тестови за да може да присуствуваат на некој настан. Вакцината е спасот и токму тоа е причината зошто ги носиме овие одлуки, порача тој.
Филипче, во однос на одлуката за граѓани со примена една доза на вакцина да може да присуствуваат на настани, кога воопшто немаат стекнато имунитет, рече дека тоа е оправдано бидејќи во тој случај процесот на имунизација е отпочнат.