Моја цел е да ги вбризгам принципите на заедништво, другарство и взаемна почит, порача синоќа Венко Филипче, новиот лидер на СДСМ по соопштувањето на резултатите на внатрепартиските избори.
– Спроведен е беспрекорен изборен ден. Имавме конкурентни избори со повеќе кандидати. Сите научивме по нешто. СДСМ го демонстрираше демократскиот капацитет кој како претседател ќе го негувам во иднина. Ветувам дека ќе направам се’ да не ја изневерам довербата. Победата е огромна одговорност кон членовите на СДСМ, кон сите наши граѓани и кон нашата држава. Моја цел е да ги вбризгам принципите на заедништво, другарство и взаемна почит. Сега е време за обнова на СДСМ, нема време за славење. Реорганизација и реформа со кои СДСМ повторно ќе победува. Нема да е брзо и лесно, но нема друг начин да ја вратиме довербата кај граѓаните. Не можат промените да се половични, или да се лажираат. Промените мора да се вистински, искрени за да ги освоиме срцата на граѓаните, порача Филипче.
Тој додаде дека СДСМ ќе се врати уште посилна и дека сега е време да се остават настрана личните интереси и да се носат одлуки за општо добро.
– Ветувам дека нема да делам, туку ќе обединувам, ќе водам со пример и силно ќе им се спротиставам на сите кои ќе сакаат да ја ослабат партијата. СДСМ ќе биде приземна, отворена и модерна партија, подготвена за предизвиците кои следат. Многумина сакаа да ја видат партијата клекната на колена и се ситеа на поразот. Ќе го вратиме достоинството на партијата и ќе бидеме силна опозиција. СДСМ бил и ќе биде гласот на разумот и секогаш ја одбирала страната на напредокот и европските вредности, порача Филипче.
Филипче извојува победа на внатрепартиските избори за лидерот на СДСМ, обезбедувајќи значителен број гласови во однос на неговите ривали. Врз основа на резултатите од 74 од 77 досега обработени избирачки места, Венко Филипче освоил 8.474 гласа. По него е Јован Деспотовски со 2.291 глас, Александар Баидевски 868 гласа и Славјанка Перовска 172 гласа. Имало 159 неважечки ливчиња. Од 23.439 регистрирани членови со право на глас, 11.964 учествуваа на внатрепартиските избори.
Славјанка Петревска, која беше кандидат за претседател на изборите за претседател на СДСМ, а која пред неколку дена се откажа од трката, реагираше на Фејсбук за победата на Венко Филипче.
-Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија, напиша таа на Фејсбук.
Кандидатот за претседател на СДСМ, Александар Бајдевски на новоизбраниот претседател на СДСМ Венко Филипче му го честита изборот за претседател и порача дека веќе од утре ќе треба да почнат да се занимаваат со работата на ВМРО ДПМНЕ и Владата.
-Јас искрено влегов од оваа кампања растеретен од многу работи и да ја споделам мојата визија со нашите членови. Она што сметам дека требаше да биде одржување на Конгресот кој требаше да се одржи каде ќе беа утврдени причините за поразот на СДСМ на 8 ми мај, исто така требаше да се затворат и некои дилеми во однос на тоа што се случуваше на изборите, списоците на нашето членство и сметам дека тоа придонесе за вака малиот одзив на овие избори, потенцира Бајдевски.
Кандидатот Јован Деспотовски, пак, во изјава за медиумите рече дека се радува за Венко Филипче но не се радува за СДСМ.
-СДСМ е голема и слободарска партија. Не можеме да збориме за избран претседател на партија кога 10 илјади членови не гласаа, а имаме избран претседател со 9 илјади гласови. Им благодарам на сите кои гласаа, но им благодарам и на оние кои излегоа а не им беше дозволено да гласаат, а такви има многу. Додека не одговориме на две прашања во оваа партија, не мислам дека треба да зборуваме за завршени избори. Зошто на тие 10 илјади членови не им беше дозволено да гласаат и зошто оние кои излегле, биле вратени. За резултатот немам коментар. Како другар се радувам за Венко ама не и за СДСМ. И вечерва зградата е празна и тоа треба да не загрижува, рече тој.
Деспотовски најави дека ќе поднесе приговори поради забележани изборни нерегуларности.