Засега не се предвидува воведување полициски час во Македонија како мерка за заштита од ширењето на ковид-19. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека сегашните мерки се сосема доволни и ако во следниот период се почитуваат, тие ќе дадат соодветни резултати. Тој ги отфрли и шпекулациите дека за викендов, по примерот на некои соседни земји, би можело да биде ставен во сила полициски час.
– Ова е тежок и комплексен период, да ги почитуваме мерките за заштита од ковид-19, да нема групирање на повеќе од четири лица на јавните места. Капацитетите на болниците се преоптоварени, како и медицинскиот персонал. Засега сметаме дека овие мерки се сосема доволни и ако во следниот период се почитуваат, тие ќе дадат соодветни резултати – рече Филипче.
Според него, со исклучок на болниците во Куманово и во Струмица во останати болнички капацитети се уште има места за сместување на заболените од корона вирусот.
-Не секој апел објавен на социјалните мрежи е вистина. Ние поединечно ги контактираме и прашуваме каде има проблем. Многу луѓе на своја рака одат и се лекуваат во приватни болници. Огромен е притисок, но места има, во Скопје сега се сместуваат на интерните клиники каде има доволен број на кревети. Сега сме обезбедени и за период кој доаѓа, рече Филипче.
Тој одговори и дека имаат увид и во бројот на смртноста на пациентите, кои се заразени од Ковид-19, а се лекуваат во приватните болници.
-Ќе ги обезбедиме точните бројки, но исходот кај најтешките случаи е ист како и во јавното здравство, истакна Филипче.