Причина за големата смртност од ковид во овој бран е делта-сојот, кој предизвикува оштетувања во белите дробови, а тоа што има и млади е што тие имаат и повеќе контакти и повеќе се заразуваат од овој полесно пренослив сој, вели министерот за здравство Венко Филипче.
-Тие конретни случаи во однос на помладите починати, еден пациент за жал на свое барање заминал од болничко лекување. Тоа се невакцинирани лица. Поголемиот процент од починатите се повозрасни со хронични болести. Ние од оваа болест видовме помлади починати лица и претходно и тоа е навистина една страшна клиничка слика со страшни оштетувања на белите дробови кои што најверојатно потекнуваат од тромбози на ниво на најмалите крвни садови на белите дробови што е во клиничката слика на оваа болест, додаде Филипче.
Во однос на лекувањето на ковид, Филипче вели дека тоа е комплексен процес, а матичните лекари имаат имаат искуство во тој дел- проценка на возраста, ризиците, хроничните болести, претходна терапија, состојба на коагулација на крвта и така натаму.
Денеска Филипче оцени дека има тренд на опаѓање на бројките на новозаразени, изразувајќи очекување дека ќе продолжи да спласнува овој бран на епидемијата.
Тој рече дека се намалува и факторот на преносливост на вирусот, а посочи дека почнува да се смирува и ситуацијата во Тетово.
-Имајќи ги предвид досегашните искуства со претходните бранови на ковид-19, очекуваме да продолжи трендот на опаѓање на бројките на ново заразени, кој е присутен веќе неколку денови наназад. Денеска имаме под 900 новозаразени, а факторот на преносливост е намален под единица, односно засега е 0,9. Исто така, постепено се стабилизира ситуацијата во Тетово, кој беше еден од најсилно погодените градови во овој бран, рече Филипче.