Неколкумина се глумците кои оставија сериозна трага во македонското актерство. Еден од нив е Мето Јовановски. За жал, со него македонската јавност се прости минатата година во ноември, а денеска се навраќаме на него по повод денот кога пред 78 години беше роден на 17 јануари 1946 година во пехчевското село Панчарево, во 1946 година.
Овој одличен актер има улоги во околу стотина филмски и телевизиски остварувања. Тој има добиено бројни награди и во земјава и во странство.
Уште како средношколец, настапува на сцената на Народниот театар во Штип. По завршувањето на средното образование, дипломира актерска игра на Вишиот институт за театарска уметност во Софија, во 1971 година. Истата година се вработува во Драмскиот театар во Скопје и оттогаш понатаму тој, од улога до улога, станува еден од водечките драмски уметници во Македонија.
Долг е списокот на исклучително значајни улоги кои тој ги има изиграно. Дел од најзначајни се неговите улоги во: „Македонскиот дел од пеколот“, „Татко (Колнати сме, Ирина)“, „Најдолгиот пат“, „Нели ти реков“, „Пресуда“, „Итар Пејо“, „Време, води“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ‘49“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Македонска сага“, „Пред дождот“, „Ангели на отпад“, „Прашина“, „Зона Замфирова“, „Големата вода“, „Тајната книга“, „Мисија Лондон“, „Трето полувреме“, „До балчак“ и многу други.
Неговите реплики кои ги користеше во филмовите станаа реплики кои се секојдневие на граѓаните низ Македонија.
Освен што беше феноменален актер, Јовановски беше и режисер на повеќе театарски претстави во неколку театри во Македонија и професор по актерска игра на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје, каде што во 2015 година беше прогласен за „Doctor Honoris Causa“.