Фирма која правно не постои, но која користела фалсификувани документи, фалсификуван ИСО сертификат, во последниве четири години добила околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции, кои давале буџетски средства. Овој скандалозен случај денеса го обелодени Државната комисија за спречување на корупцијата на седница по која до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје ќе биде доставена иницијатива за кривично гонење.
Во информацијата којашто ја пренесе државната агенција МИА се наведува дека предметот на денешната седница го образложи Владимир Георгиев, член на Комисијата. Од правни причини името на фирмата се уште не смеело да се објави. Оваа фирма била поврзана уште со две други фирми од Скопје, кои работат исто така на монтажа, сервисирање и одржување лифтови, од причина што управителот на оваа фирма е вистински сопственик на овие два други трговски субјекта. ДКСК постапила откако добила пријава за наводи за сомнежи за користење фалсификувани ИСО сертификати од стана на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, со цел да се добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје.
Георгиев појасни дека Градската Општа болница објавила тендер, а Комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО сертификатите кај самиот издавач на сертификатите – фирма од Хрватска, од каде добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а непостоечката фирма вложила жалба до државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде е одбиена како неоснована.
– Во електронската кореспонденција може да се констатира дека фалсификувањето на овие ИСО сертификати е направеон така што физичко лице од земјава претставувајќи се како главен управител на фирма застапник на фирмата за сертифицирање од Хрватска, од свој домејн во врска со објавениот тендер, до електронските пошти до економскиот оператор што ги поднел фалсификуваните сертификати и до Комисијата за јавни набавки, доставил лажна информација дека овој непостоечеки трговски субјект е официјален застапник на хрватската фирма за сертифицирање. Овој трговски субјект нема евиденција во Централниот регистар во Република Северна Македонија. Ги прикачил лажните сертификати, како и фалсификувана потврда, за извршена сертификација од хрватската фирма, како и фалсификуван потпис од лице од Хрватска во својство на директор на фирмата за сертифицирање, појаснува Георгиев.
Георгиев остварил контакт и со директорот на хрватската фирма овластена за сертификати, од каде било потврдено дека сите ИСО сертификати кои биле користени при учеството на тендерот објавен од Општата Градска болница, се фалсификувани. Бил наведен и податок дека и други субјекти се пожалиле од таа фирма за акредитација од Хрватска оти такви сертификати биле повеќекратно употребувани од оваа фирма од нашата држава.
Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, рече дека се работи за класичен криминал.
– Се работи за класичен криминал и делување и доколку овие субјекти дејствувале подолг временски период ќе се открие дека тие работеле не само кај јавни јавни субјекти, туку сигурно во станбени згради. Таа група која функционирала ја знаела слабоста на актуелниот Закон. Замислете која е опасноста, со лажни сертификати за лифтови, животи се во прашање, потенцира таа.