Утре ќе биде објавена првата инвестиција – развој на парк на ветерници во земјава, инвестиција на Алказар Енерџи, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. За време на посетата на Штип тој рече дека паркот ќе биде изграден на тромеѓето меѓу ошштините Карбинци, Штип и Радовиш.
-Ќе вреди меѓу 400-450 милиони евра. Тоа претставува значаен проект во делот на енергетското потрфолио и ќе ги подобри енергетските капацитети на државата. За него немаме специјален закон, ниту загарантирана цена, туку инвеститор кој што ќе инвестира и производот ќе го пласира на слободниот пазар. Она кое што е многу важно, за граѓаните и БДП ќе донесе дополнителни 100 милиони евра годишно. Македонскиот ветер ќе донесе нови 100 милиони евра на годишно ниво и вакви проекти ќе има низ целата територија на државата, истакна премиерот.
Се работи за инвестициски фонд од Дубаи Алказар Енерџи, а инвестицијата ќе биде објавена утре од страна на Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер на Алказар Енерџи, како и од самиот Мицкоски и министерката за енергетика Сања Божиновска.
-Инвестицијата на Алказар Енерџи во овој проект е вредна над 500 милиони долари и развојот на овој проект ќе донесе големи придобивки за економијата, бизнис заедницата и граѓаните, се вели во најавата.
Според проектот,70 столба на ветерници треба да имаат вкупна моќност од 335 мегавати, но ќе треба добро да се испланира и балансирањето на производството, бидејќи ветерните паркови не испорачуваат постојано струја.