Фудбалскиот клуб Вардар се заблагодарува на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, како и на сите советници кои едногласно ја донесоа и спроведоа одлуката за доделување на финансиска помош. ФК Вардар упатува благодарност и до својата верна навивачка група „Комити Запад“ која во текот на целиот изминат период, неуморно работеше на реализацијата на донесената одлука.
– По сите перипетии, ова е прва голема победа и доказ дека искрената приказна која народот веќе подолг временски период ја создава, станува сè повеќе препознатлива и привлечна.
Оваа одлука несомнено ќе влијае позитивно, пред сè врз фудбалерите, врз стручниот штаб, но и врз оние кои во моментов ги менаџираат сите работи поврзани со клубот, а кои без разлика на сè, ќе продолжат волонтерски да си ги извршуваат своите функции.
Веруваме дека соработката ќе продолжи и во наредниот период и дека ќе биде поттик за сите останати општествени чинители, за да се приклучат кон борбата за клубот на народот. За крај, би сакале на сите навивачи на клубот, но воедно и на сите граѓани на Република Македонија, да им ја честитаме новата 2024 година. Нека биде победничка за нашиот Вардар, нека биде црвено-црна! Борбата продолжува! – објавија од ФК Вардар.