Екипата на Вардар викендов го забележа првиот пораз во пролетниот дел од шампионатот во ПМФЛ. Во Тетово „црвено-црните“ загубија од Шкендија со 3-0, а од редовите на најтрофејниот македонски клуб се жалат за како што велат националистичките испади на публиката и од фактот што никаде на стадионот не виделе македонско знаме, што е спротивно на правилата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Соопштението на Вардар ви го пренесуваме во целост:
-На натпреварот во Тетово, повторно бевме сведоци на срамни националистички испади, како и на употребата на тврди предмети упатени кон фудбалерите на Вардар. Сепак, тоа што најмногу не револтираше, беше отсуството на македонското знаме, кое според пропозициите на ФФМ е задолжителен декор кој мора да ги краси сите стадиони.
Би сакале да посочиме дека за разлика од крајно нецивилизираното однесување на навивачите на Шкендија, сепак управата на тетовскиот клуб се потруди пред се околу приемот на нашата екипа, а потоа и во однос на смирувањето на страстите на трибините, но за жал не успеа.
Како клуб реагиравме за неодамнешните идентични испади на стадионот во Чаир, сега реагираме за испадите во Тетово. Се прашуваме до кога?! Се прашуваме и ги прашуваме пред се надлежните институции, а потоа и сите останати чинители кои денес го претставуваат македонскиот фудбал.
Затоа што немањето реакција, не е само одлика на непрофесионализам, туку и на согласност. Затоа да реагираме и да го вратиме мак-фудбалот на нормалните патеки, се вели во соопштението.
Во следното коло Вардар в среда го игра градското дерби против Работнички.