Францускиот предлог ќе оди директно на пленарна собраниска седница, датумот не е определен

Македонските пратеници за францускиот предлог ќе расправаат директно на пленарана седница, без преходно да има комисиска расправа. Барањето на опозицијата да се достават и други материјали врзани за Информацијата што ја доставила Владата до кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски ќе го пренесе вицепремиерот Бојан Маричиќ по што ќе се знае дали тие и ќе бидат испратени. Датумот на пленарната седница накнадно ќе се утврди. Сето ова е резултат на денешната редовна координација свикана од претседателот на Собранието, Талат Џафери врзано за собраниската расправа за францускиот предлог. Освен Џафери на неа присуствуваа потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски; на СДСМ, Јован Митревски; на ДУИ, Арбер Адеми и на Алијанса на Албанците, Илире Даути, како и претставниците на политичките партии БЕСА, Алтернатива и Левица.

-По однос на точката Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка и дискусијата која што се разви по однос на оваа точка, претседателот нагласи дека согласно член 185 од Деловникот на Собранието претседателот ја доставува Информацијата до пратениците во форма во која што е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина. Во исто време нема деловничка одредба која што му овозоможува на Претседателот да ја врати информацијата до предлагачот. Според процедурата, Информацијата која што е на дневен ред на пленарна седница се усвојува со донесување на Заклучоци по однос на Информацијата, соопшти кабинетот на Талат Џафери.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека не може Собранието да разгледува само еден лист хартија, колку што било доставено од Владата, ќе биде пренесена до владините претставници.

Претставникот на Владата Бојан Маричиќ одговори дека ќе ги пренесе ставовите на опозицијата и информацииите од Координација до Влада за потребата да се дополни Информацијата со материјалите кои што се јавно достапни за целата јавност, а во Информацијата се наведени како референца.

-Согласно Деловникот, Претседателот соодветно ќе информира за датумот за свикување на пленарната седница на чиј дневен ред ќе биде Информацијата. За денес е закажана пленарна седница со една точка на дневен ред, Ребаланс на Буџетот, за која што расправата ќе трае до 5 дена, соопштија од Собранието.

Претходна вестПочна да се гради градинката во скопската населба Пролет
Следна вестПоевтинуваат дизелот, мазутот и бензинот „Eуросупер 98“