Фрчкоски поднесе оставка од местото амбасадор и постојан претставник во ОН

Постојаниот претставник на Македонија во ООН во Њујорк, амбасадорот Љубомир Фрчкоски поднесе оставка. Тој за ова ги информирал претседателката Гордана Силјановска – Давкова и Министерството за надворешни работи. Фрчкоски неодамна откако беше повикан на разговор во МНР поради наводни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото најави дека ќе поднесе оставка.

Разговорот со министерот Тимчо Муцунски се уште не е реализиран поради здравствени причини на Фрчкоски.

Во изјава за порталот Либертас Фрчкоски рече дека очекува оставката да биде усвоена и да биде разрешен од Функцијата со Указ на Претседателката , како што и е назначен.

На прашањето дали тоа и како ке се одрази на работата на Мисијата на РСМ во Њујорк Фрчкоски одговори:

-Не мислам дека на било каков начин тоа ке се одрази на функционирање во техничка смисла на Мисијата која и до сега работела само бирократско-технички. Но има, за жал, шанса да се направи голема штета и срам за државата во една конкретна смисла и по повод еден конкретен случај. Имено, Македонија предложи проект во ООН кој беше прифатен прв пат во својата историја на членство кој се вика “Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“. Проектот по наша иницијатива е прифатен и му е одреден буџет (што е многу ретко во ситуација на финансиска криза во ООН ) во одделот кој го води Г-ѓа Алис Ндериту, Под-Секретар и Специјална советничка на Генералниот Секретар на ООН за Превенција од Геноцид, наведува Фрчкоски.

Во јули министерот Тимчо Муцунски го повика Фрчкоски на консултации во Скопје поради финансиски малверзации. Според дел од медиумите, Фрчкоски бил повикан на консултации во МНР поради злоупотреба на службената картичка за авионски билети без почитување на пропишаните процедури во МНР. Се наведуваше дека Фрчкоски не ги почитувал и препораките давани од претходниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, а, меѓу другото, во МНР немало евиденција за уплата на парите на буџетската сметка од продажбата на имотот припаднат на Македонија по поделбата на имотите на Југославија на територијата на САД. Односно, финансиската недисциплина била поврзана со затајување на материјални средства од сукцесија на објекти и трошење на финансиски средства спротивно на постапките и процедурите.

 

 

Претходна вестМамардашвили останува во Валенсија, но Димитриевски не може да ја активира „специјалната клаузула“
Следна вестЗемјотрес со јачина од пет степени според Рихтеровата скала ја погоди Кина