Гаши не се плаши

Заврши првата интерпелација за функционер од новата власт. Очекувано, функционерот беше одбранет од парламентарното мнозинство.

Опозицијата (пред се Левица) аргументираше зошто собранискиот претседател Африм Гаши треба да биде сменет, ама имаше и контрааргументи од власта. На крајот по сите тие размени на „обвинувања и докази“ се покажа и дека бројките во парламентот се поголеми од аргументите на опозиционерите. 

 Утрово, Гаши на работа најверојатно повторно си дошол со службено возило придружуван и од службеното обезбедување. Тој уште синоќа истакна дека надвладеал разумот.

-Уште еднаш разумот надвладеа над предрасудите и пропагандата. Им се заблагодарувам на сите пратеници кои денес учествуваа на оваа интерпелација, кои дискутираа и реплицираа и кои со нивниот слободен и демократски глас и дадоа одговор на оваа интерпелација. Им се заблагодарувам од срце и на сите други кои денес ја дадоа нивната поддршка на било каков начин. Продолжуваме со истата посветеност кон задачата!, порача Гаши.

Добро, Гаши го има потребното мнозинство позади себе, но сепак дали извлече и корисна поука од интерпелацијата која ќе му биде од помош во иднина? На пример, дали се што беше зборувано од опозицијата може да се оквалификува како пропаганда? Дали спикерот треба некои свои делувања-навики да ги менува?

Подносителот на интерпелацијата пратеникот Димитар Апасиев од „Левица“ отворено укажа за некои скандали.

-Интерпелацијата ја темелевме на седум основи. Во меѓувреме вие сторивте уште три-четири скандали. Направивте рафали од скандали и станавте велемајстор. За првпат, без преседан, Собранието го направивте центар на анти-секуларни активности. ! Спротивно, дури и на Виенска конвенција, Вјоса Османи одбила да го даде на проверка багажот, а вие сте го пратиле вашиот телохранител, кој отишол таму да спроведува шерифска или улична правда. Од конститутивната седница вие перманентно го прекршувате деловникот, затоа што тој не познава давање заклетва на друг јазик освен на македонскиот…, потенцира Апасиев.

Пратеникот Благој Бочварски од СДСМ, пак, потсети дека во скандалот со косовската претседателка обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот.

-Шефот на обезбедувањето на претседателот на висок тон, каубојски, го турнал наназад со раце полицискиот службеник и заканувајќи се го спречил во извршување на неговите службени дејствија. Во својот извештај, МВР констатира дека обезбедувањето било незаконски испратено на аеродромот, со што, одговорноста директно ја насочи кон претседателот на собранието Гаши, кој ја издал наредбата на неговото обезбедување. Овде не СДСМ, туку, МВР констатираше дека надвор од своите надлежности претседателот на Собранието го испратил обезбедувањето на аеродромот. Затоа мора да има политичка одговорност. Се случи скандал и со употреба на службените возила на претседателот на Собранието на свадба во Косово. Никој не знае во тие возила што поминало, што се носело преку границата. Класична злоупотреба на граничен премин и прекршување на законите, рече пратеникот на СДСМ.

Дури и од ЗНАМ, коалицискиот партнер на Гаши, укажаа дека собранискиот претседател го прекршил Уставот. Друга работа е што потоа гласаа спикерот да остане на чело на парламентот.

Сето ова покажува дека интерпелацијата не може да се оквалификува само како „пропаганда“. Има тука и многу поводи за подзамислување и корекција кај Гаши.

Во спротивно, ако Гаши не се плаши од аргументите на опозицијата, и воедно е опуштен-осилен оти парламентарното мнозинство е позади него, зарем пак ќе оди со службени возила на свадби во Косово и пак негови обезбедувачи ќе делат правда и пак ли…?

Претходна вестАнита Алоска е нова в.д директорка на „Охридско лето“
Следна вестСудењето за убиствата на Вања и Панче се одложи за 20. септември