Oд 22 овој месец, Германија ја означи Македонија како подрачје со висок ризик на инфекција со ковид-19, објави на Фејсбук страната германската амбасада во Скопје. Затоа, сите патници мора да се регистрираат на порталот за влез на Сојузна Република Германија и да ја носат со себе потврдата заради контрола од страна на превозникот или Федералната полиција.
Освен тоа, се вели во објавените упатства, сите патници се должни да заминат директно во предвиденото сместување, веднаш по влегувањето во земјата и да останат таму цело време (карантин). Не е дозволено да се примаат посетители. Овој карантин трае 10 дена. Ако поднесете доказ за вакцинација или оздравување преку порталот за влез, карантинот завршува предвреме, во моментот на поднесување. Исто така може да се направи тест (тест за антигени или ПЦР-тест) најрано пет дена по влегувањето и резултатот може да се испрати преку порталот за влез. За лица под 12 -годишна возраст, карантинот завршува автоматски, со завршување на 5 -от ден по влегувањето, е напишано во упатствата од амбасадата.
Лица над 12 години кои примиле вакцина одобрена во Германија и се потполно вакцинирани, смеат да влезат во Германија за сите цели на патување, под услов од последната потребна вакцинација да поминале најмалку 14 дена. На децата под 12 -годишна возраст им е дозволено да патуваат во придружба со барем еден целосно вакциниран родител, и ако самите децата не се вакцинирани. Сите останати лица без оваа заштита од вакцинација можат да влезат во земјата само ако патувањето е апсолутно неопходно, земајќи ги притоа предвид горенаведените обврските за обезбедување докази и карантин.
Одлуката за дозвола за влез ја донесува соодветната гранична полиција. Амбасадата во овој случај не може да даде индивидуални изјави, соопштуваат од таму.