Прелиминарен договор за набавка на 2,5 милиони дози на руската вакцина против корона вирусот „Спутник V“ потпишала денеска германската покраина Баварија.
Во веста што ја пренесува Euronews се наведува дека потврда за информацијата ја дал регионалниот лидер, Маркус Содер.
-Овој „прелиминарен договор е потпишан денес“, рече конзерватнивниот политичар, додавајќи дека ако Спутник биде одобрен во Европа, тогаш покраината Баварија ќе добие дополнителни дози вакцина, односно 2,5 милиони, во наредните месеци.
Kако што пренесоа некои странски агенции, главната германска Комисија за вакцинација на покраината Баварија ѝ одобри прелиминарна нарачка на „Спутник V“.
Р-Фарм Германија, подружница на рускиот гигант за производство на лекови Р-Фарм, има производна линија во баварскиот град Илертисен и е во позиција да ја произведува руската вакцина, наведуваат повеќе германски медиуми.
Инаку, Содер, уште во март побара од ЕМА да го „забрза“ процесот на одобрување за Спутник V.
Процесот на вакцинациите во ЕУ тече многу бавно за што е и постојано критикуван, па и другите земји-членки – имено Австрија и Словачка – веќе објавија дека преговараат за нарачка за руската вакцина.
Спутник V сè уште е предмет на одобрување од Европската агенција за лекови, а Унгарија во моментов е единствената членка на ЕУ што ја употребува руската вакцина.