Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада, во анализата што ја пренесе „Дојче веле“.
Весникот анализира три можни сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Весникот понатаму анализира дека оставката на Заев е пораз за Еврпската Унија. Како што се наведува во анализата, „клучно за мандатот на Заев не беше само тоа што му успеа, туку многу повеќе, тоа што му беше ускратено“.
-Неговата храброст не беше наградена, или во најмала рака само со утешната награда за членство во НАТО. Неговата главна политичка цел, почетокот на преговорите со ЕУ, Заев ја пропушти. Тоа не беше негова вина, напротив. Случајот на Заев е школски пример за регионот. Веројатно премиерот на Северна Македонија во заминување ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за т.н. европска перспектива на неговата земја, да презема огромни политички ризици врз себе. Затоа, поразот на Заев може да важи и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот, се додава во анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.