Сеќавање на народните херои од НОБ Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Орце Николов се одбележува денеска во спомен на нивната жртва за Македонија. На денешен ден, 4 декември, се навршуваат 80 години од убиството на македонските херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев, како и 81 година од загинувањето на Орце Николов. Убиството на македонските револуционери Страшо Пинџур и Мирче Ацев, антифашисти, учесници и организатори на Народноослободителната борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна се случува откако тие во декември 1942 година биле уапсени од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Претходно, бил разбиен Велешкиот партизанскиот одред „Димитар Влахов“ и по што Страшо Пинџур и Мирче Ацев дошле во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата. На 19 декември 1942 г., бил извршен упад во куќата на Јован Митрев, при што тие двајца биле уапсени од бугарската полиција и спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Таму биле подложени на невидени измачувања од страна на иследниците.
Според сведоштвата, и покрај ѕверското мачење Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“. Се наведува дека бугарските мачители дури со клешти им ги откорнале ноктите, сечеле прстите и им кинеле месо од телата. По повеќедневно ѕверско измачување без судски процес, најпрво умира Страшо Пинџур, а истиот ден – 4 декември – поради тоа што не кажал ниедно име и не предал никого, бугарските фашисти го убиваат и Мирче Ацев. Кога Мирче Ацев бил однесен на погреб во Прилеп, неговите блиски виделе дека му биле откорнати ноктите од прстите, некои прсти му биле исечени, а фашистите дури му кинеле и месо од телото, што предизвикало огромен револт кај Македонците кои дошле на неговиот погреб. Кога виделе колкав е револтот кај Македонскиот народ од погребот на Мирче Ацев, никогаш не го покажале телото на Страшо Пинџур, и до ден денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој Страшо го водел во 1933 г., каде запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.
Револуционерот Орце Николов, пак, во 1941 година му се приклучува на Фрушкогорскиот партизански одред, а на почетокот од октомври 1941 година оди во Ужице, каде по одлука од Врховниот штаб, добил задача да се пробие во Македонија, каде што се вршеа подготовки за создавање на првите партизански одреди. На 27 октомври Николов со една група Македонци заминува за Македонија. Во околината на Лесковац чека да му бидат испратени фалсификувани документи за да може полесно да ја помине демаркационата линија низ територијата окупирана од Бугарија. Во првиот обид да ја премине граница, во декември 1941 година, не успеал, и се вратил назад. При вториот обид, ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, во пробивањето низ демаркационата линија Орце Николов загинува при заседа на бугарскиот окупатор на планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владичин Хан, Србија.
Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Орце Николов заедно со Стеван Наумов – Стив, Христијан Тодоровски – Карпош и Кузман Јосифовски – Питу, на 29 јули 1945 година биле прогласени за народни херои на тогашна Југославија, како едни од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување.