Ги испрскал со вода, а потоа ги пречекал и пукал со пиштол, потрага по Скопјанец осомничен за обид за убиство

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишник за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство.

На 17 јули, во вечерните часови во Чаир, осомничениот со мотор со голема брзина поминал покрај оштетениот и уште едно лице кои се движеле пеш и ги испрскал со вода насобрана на асфалтот. Застанал и му се извинил само на сведокот, додека со оштетениот најпрвин започнал да се расправа, а потоа и физички размениле неколку удари.

Осомничениот најпрво избегал, но потоа ги пречекал во близина на детската градинка “Фидани” и  со пиштол испукал еден куршум кон оштетениот, нанесувајќи му огнострелна повреда во десната страна на градниот кош и оштетувајќи му неколку органи.

Сторителот веднаш повторно се дал во бегство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, а притворската мерка треба да се применува по неговото лишување од слобода.

МВР постапува кон пронаоѓање на осомничениот.

Претходна вестКурти за инцидентот со Вјоса Османи: Jас и Мицкоски не сме цариници, ниту полицајци
Следна вестПоевтинуваат само Еуросупер БС 95, дизелот и екстра лесното масло