Кампањата почна вчера. Фалењето и биењето во гради е пуштено на максимум. Сите работеле за доброто на Македонија. Ама вчера имаа излагања и поранешните претседатели на државата Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов на научниот собир во МАНУ…
-Ќе се самораспуштиме ли ако ЕУ одлучи да не се проширува? Доколку само очекуваме НАТО да не брани а ЕУ не храни, ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме, истакна Црвенковски, алудирајќи на постојаното објаснување на сегашната власт предводена од Зоран Заев дека Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ.
За да биде поврел шамарот кон властите тој посочи дека Македонија е презадолжена.
-Македонија живее на кредити, а кој живее на кредити – умира на рати, беше дециден Црвенковски.
По само неколку минути распали и поранешниот претседател Иванов.
-Со договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување преку одрекување и одродување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината, рече во своето онлајн обраќање, поранешниот претседател Иванов пред научниот собир.
Тој оцени дека сегашното време е најопасно време за Македонија по Втората светска војна и ја обвини актуелната власт за корупција, скандали и афери и порача дека членството во НАТО не ја сокрива грдата слика на земјата.
Го слушна ли сето ова внимателно премиерот Заев?
Засега се огласи само СДСМ со соопштение во кое истакна дека е нечесно претседатели од транзицијата и режимот да зборуваат за криминал и корупција, бидејки не направиле ништо во времето кога требале да му служат на народот.
Да, треба да се служи на народот, но кога тоа ќе почне да се случува уште не е видливо на хоризонтот.