Ѓорче Петров фино објаснил колку вредат српските и бугарските аргументи за Македонците

Пред 102 години, на денешен ден – 28 јуни подло и предавнички бил убиен големиот македонски револуционер и публицист Ѓорче Петров. Во 1921 година по излегувањето од работа свратил во кафеана во Софија. Помуабетил со Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО и на излегување по него тргнало и лицето по име Реџеп… По неколку минути Ѓорче Петров бил убиен.

Така завршил животниот пат на еден од најголемите македонски револуционери, личност која целиот свој живот го посветила на борбата за слобода на македонскиот народ. Тој бил еден од најверните идејни соработници на Гоце Делчев и истакнат заштитник на целите и на принципите на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација.

Подоцна, се претпоставувало дека убиството го нарачал Тодор Александров и дека тоа претставувало само едно од бројните случаи на меѓусебните пресметки кои се случувале во редовите на македонското револуционерно движење меѓу спротивставени струи, фракции, но и предавници.

Георги Петров Николов, како што му е вистинското име на Ѓорче Петров, е роден на 2 април 1865 година во село Варош, прилепско. Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив, а потоа бил учител во Штип и Скопје (1888–1891) каде соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во гимназија во Солун (1895–1897).

Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Во 1896 година ја објавува и книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ и во која за српските и бугарските тврдења во однос на народноста на Македонците пишува следно:

-… Денешните историски докажувања и расправии водат кон тоа дека тука владеела Србија, дека српскиот дух е силен и други такви со кои се служат „браќата“ за да докажат дека сме Срби и обратно, тврдењата на „Новини“ врз основа на некои факти од „Бугарската историја“ и врз мислењата на разни историчари и патописци, дури врз историските спомени на населението за српските владетели на кои спомени многу се силат „браќата“ или големото влијание на мизиските и тракиските Бугари врз Македонците и нивното заемно учество во разни движења, нивната нова заедничка историја, најпосле „славата“ на Милоевиќ и „курбанот“ на г. Шопов, сето тоа се бессодржински докажувања и аргументи кои можат да даваат материјал на секојдневните весници и списанија наменети за масата, но за науката не вредат ни луле тутун…, напишал револуционерот.

Во март 1895 година во Солун бил кооптиран за член на ЦК на ВМРО каде на Солунскиот конгрес 1896 година заедно со Гоце Делчев добиле задача да го изготват уставот на организацијата.

Единствено тој и Гоце Делчев се спротивставиле за кревање на Илинденското востание поради неговата неподготвеност и избрзаност. Своите погледи ги образложувал во својот весник „Бунтовник“ каде во средиштето на неговата идеологија лежеле паролата „Македонија на Македонците“. Иако не го поддржувал, тој сепак учествувал во Илинденското востание и тоа со чета во борбите кај прилепско-мариовскиот крај.

По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес… Го уредувал и списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Сер, Битола и Драма и бил противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција.

Таков прегор горел во него се до неговото убиство. Но, споменот на него никогаш не згаснал меѓу македонскиот народ. По зрелоста на неговите погледи за целта и методите  на  борбата, по упорноста и способноста со збор и дело да се брани независноста на македонското, национално –  револуционерно движење тој заслужено се наоѓа во  редот на најголемите фигури на македонското ослободително движење во чиишто редови бил цели 25 години. Преку неговото дело тој покажа дека македонскиот народ само преку борба може да се дојде до слобода. Но, неговата смрт остави и едно големо предупредување – за трагичните пресметки, надворешни влијанија и предавства во македонското револуционерно движење кои оставија тешки последици.

Претходна вестПромоција на стихозбирката „Туѓинец во својата земја“ од Раде Силјан
Следна вестМорнар се откажува од АБА лигата, шанса за МЗТ Скопје